Студија објавена во списанието Journal of Cross-Cultural Psychology од октомври 2018, ја тестира тенденцијата да се држиме до востановени методи на решавање проблеми, со тоа што го истражува флексибилното мислење во не-западните култури. Во случајов кај полуномадското племе Химба од Намибија.
Резултатите покажуваат дека кога група западњаци, и група припадници на Химба, се соочуваат со едноставен проблем, овие вторите се когнитивно пофлексибилни. „Флексибилноста“ на мислењето притоа е малку „матен“ концепт за опишување и мерење од страна на психолозите. Но тие генерално мислат на нашата способност за користење на минато знаење во сегашен контекст, со помош на малку импровизациска „магија“ за ем брзо, ем квалитетно решавање на проблемите.
Секако, и нефлексибилните начини на размислување можaт да бидат ефикасни, но само доколку живеете во околина која е крајно предвидлива. Во подинамични околини, каде условите можат да се сменат додека трепнеш, вреди да се наруши рутината и да се проба нешто ново. Како во случајот со спомнатото намибиско племе, кое веројатно го нема луксузот на западњачката безбедност и предвидливост.
Овој наод е особено важен бидејќи ја става под знак прашање досегашната практика, резултати добиени од проучување на жители на Западна Европа и САД (истражувана група позната по кратенката WEIRD - Western, Educated, Industrialized, Rich, Democratic; западни, образовани, индустријализирани, богати, демократски) да се прогласуваат за истражувања на целото човештво. Затоа што луѓето од групата „ВИРД“ живеат во исти такви животни средини. Народот Химба, од друга страна, активно дава отпор на западното влијание, и тие главно немаат формално образование.
Тестот осмислен од раководителката на истражувањето, Сара Поуп, не се потпирал на јазик или на математика, туку на серија квадрати кои се појавуваат на екран на допир. Учесникот треба да направи тие да исчезнат. Најпрвин квадратите исчезнуваат ако се кликаат по редот по кој се појавуваат, но потоа почнуваат да се појавуваат и триаголници. Човек може се држи до старата стратегија, да не им обрнува внимание дур не исчезнат сите квадрати, но може и да проба нешто ново - да допре триаголник, и на тој начин побрзо да ја оствари целта, бидејќи така сите квадрати исчезнуваат одеднаш. Помалку од 10 проценти западњаци ја смениле стратегијата, а наспроти нив учесниците од племето Химба одбрале креативен пристап во 40% од случаите.