Во 2016 излезе документарецот I Am Not Your Negro („Не сум твој црнец“), посветен на Џејмс Болдвин, (црн) писател и активист. Насловот требало да асоцира на негова ТВ изјава од 1963. Само што таа не гласела така - она што го рекол Болдвин било I am not a nigger („Не сум црнчуга“).
Лори Шек, (бела) професорка по креативно пишување од Њујорк, номинирана за Пулицер, неодамна на час го поставила прашањето - зошто во документарецот зборот на „n" е сменет? Секако, притоа го употребила целиот „забранет“ збор.
(Бел) Студент се побунил кај факултетските органи, и тие ја ставиле Шек под истрага за можен расизам. Поминала со лесно - по часови и часови дискусии и чешлање на нејзиното минато и моментално однесување, таа само била упатена повторно да се запознае со прописите против дискриминација на високо-образовната институција. Фактот што паметни и генерално зафатени луѓе требало да потрошат толку време и енергија на оваа тема е фасцинантна.
Работата е комплицирана не само затоа што професорката не го употребила зборот за некого да навреди ами во соодветен контекст на негово преиспитување, туку и затоа што самите црнци го употребуваат помеѓу себе во смисла на „брат“. Сепак, од 1990-тите ова правило - црнец може да каже „црњо“, но белец не - е издигнато на ниво на табу.
Да се појави некој временски патник кој се сеќава на англискиот пред овој период, тој би бил изненаден од ваквата промена - претходно „ниг’а“ се спомнува не само во рап песни и други „црнечки“ работи, туку дури и во јавни настапи на (бели) политичари, во наслови на книги и во неврзани муабети (кои не се пријавувале на властите како прекршоци).
Според (црн) коментатор на Атлантик целата работа очигледно има врска со моќ - во случајов моќ на црните да бараат почит од страна на белците па макар и преку воведување на едно вакво јазично табу. Но дали е ова знак на здраво расно самоидентификување? Зошто моќта да не се црпи од друго место - од некакви постигнувања во борбата против расизмот кој не застанува кај зборот на „n", туку опфаќа промена на светоглед и на социјална правда. За него хиперсензитивноста од страна на црнците на овој термин само рефлектира инфериорност и „наапаност“, што не помага во постигнување реална промена.
Сето ова добро го опишува Дејв Шапел во новото шоу на Нетфликс, „Дрвја и камења“. Кога на почетокот на кариерата референтката за политичка коректност на ТВ мрежата каде што работел му измрчила за употребата на зборот „фегот“ (педер), тој реагирал со „А зошто не ми мрчиш за ’црнчуга’?“. Нејзиниот одговор бил: „Ама Дејв, ти не си педер.“
Неговиот: „Не сум ни црнчуга.“
Види претходно: Дали битката со расизмот ги прави расистите поголеми расисти?
(Бел) Жижек: Политичката коректност како поопасна форма на тоталитаризам