Името на Моне асоцира на слики на лотуси, катедралата во Руен, стогови жито и генерално на некои од најпознатите дела на европската уметност. Но нова изложба која ќе се отвори следниот месец во Париз ќе се фокусира на еден помалку познат Моне: Леон, потценетиот постар брат, кој го поддржувал Клод кога овој бил сиромав и се обидувал да се наметне на тогашната уметничка сцена. Иако изложбата ќе содржи и претходно невидени дела и скици од сликарот познат како „татко на импресионизмот“, сепак главниот акцент ќе биде на братот.
Леон Моне, хемичар и индустријалист, не само што го поддржувал Клод, туку ги спонзорирал и сите припадници на импресионистичкото движење од 19 век, меѓу кои Пјер-Огист Реноар, Камил Писаро и Алфред Сисли. Бил роден во 1836, четири години пред Клод, како најстар син на Адолф и Луиз-Жустин Моне. Двете момчиња го минале раното детство во Париз, пред преселбата на семејството во Нормандија. Студирал хемија а специјализирал во тогаш новото поле на синтетички бои и пигменти кои се користеле за боење на ткаенини. Откако се преселил во Руен како претставник на швајцарска фабрика за производство на текстил во индиски стил, станал и еден од основачите на тамошното индустриско здружение.
Неговото спонзорство на Руенската школа сликари ја охрабрило тогашната елита да купува дела од радикалното движење во зародиш. Тоа официјално се промовирало во 1874 со изложба во Париз, составена од дела кои биле отфрлени од влијателниот Салон на Академијата за убави уметности, институција која била арбитер на уметничкиот вкус. Всушност името на движењето потекнува од навреда која ја изрекол новинарот и драматург Луи Лерој, саркастично опишувајќи ја сликата на Моне, „Импресија-изгрејсонце“ како „полоша од илустрација за тапет“.
Иако целата кореспонденција помеѓу браќата е исчезната, во писмата на Клод до жена му тој го опишува братот како „човек со жива и брза интелигенција“, „искрен и љубезен“. Главно место во изложбата ќе има портрет на Леон кој претходно не е изложуван, а кој Клод го насликал во 1874. Исто така ќе бидат вклучени тетратки со скици кои Клод ги правел кога имал само 15 години, кои Леон ги купил на аукција а потоа брат му ги потпишал, а кои исто така до сега не биле прикажани во јавност.
Поставката ќе вклучи околу 60 дела од не многу големата збирка на Лео Моне, но кои се со исклучителен квалитет и важност. Таа ќе се отвори на 15 март и ќе трае до 16 јули.