„Понекогаш, најважните музичари се оние кои не се во центарот на вниманието" - вака го започнува некрологот за Фринк NPR. Таа навистина никогаш не била во првите редови, но свирела со џез биг бендови со децении, и правела сите тие да звучат добро. Меѓу нив со Оркестарот на Бени Гудман и оној на Марија Шнајдер, како една од првите жени-трубачи која настапувала на Бродвеј.
Во последните 25 години била и најпознатата инструкторка за дувачки инструменти во Њујорк. Предавала на три универзитети, а држела и онлајн видео-чет предавања. Нејзиниот метод е оној на Кармин Карузо, славен гуру на лимените дувачки инструменти и еден од нејзините учители. Карузо бил саксофонист, но неговите вежби за техника го направиле почитуван професор.
„Техниката, според многумина е нешто студено. Но имаше нешто многу топло во начинот на кој Лори зборуваше со луѓето. Некои од нив ја нарекуваат 'мајка на трубачите' затоа што сесија со неа беше дел психотерапија, дел мотивација и дел 'ајде да ја сфатиме трубата'", изјавил Дејв Даглас, еден од нејзините ученици. Минатата година Фестивалот на новата трубачка музика и доделил признание за нејзиното дело. Нејзе цело време во текот на церемонијата и било непријатно и на крај изјавила: „Ова е супер, како да си на сопствениот погреб и луѓето зборуваат фино за тебе". Нејзината долгогодишна партнерка Луис Mартин изјавила дека Фринк починала од рак, на 62 години.