Во спомен на Лиле Дирјан

„Загубени работи“

ЗАГУБЕНИ РАБОТИ

Ноќници од бел батист со памучна чипка
пенкала, адреси, телефонски броеви,
платени и неплатени сметки
позајмени, па заборавени наслови на книги
писма напишани и неснимени
не притиснато Ctrl со с
изгубени
зборови, пејзажи, возни редови, броеви на колосеци
метро мапата на Париз и Берлин
шишенца со крем против брчки
чешли, фенови, ситни пари
цели крупни банкноти
и еден црн шал од кашмир
што десет години го носев на рамењата
од септември до мај
купен во ашрамот на Саи Баба
со жолт вез, со конец за шиење
и сите вденувања на иглата,
и лицето и опачината му беа речиси исти
кинење на конецот со заби
сите јазли, сите орнаменти,
тоа вилино коњче на крајот
го загубив во Сараево, на крајот од септември 2003
некаде меѓу Домот на полицијата
на коктелот на францускиот амбасадор
или во жолтото такси
забележав дури во темницата на киното „Космос“
откако ми застуде откај филмското платно
во онаа сцена кога еден бел бојосан слон
од „Приказната за везировиот слон“ на Иво Андриќ
го разнесоа гранатите
и една девојка со кофа вода во рацете
падна во поле камилица

Лилјана Дирјан

13 декември 2017 - 17:27