Сентинелезите се домороден народ кој населува дел од Андаманските острови во Бенгалскиот залив во Индија. Се смета дека бројат 40-500 луѓе, а ваквата неодреденост се должи на тоа што тие во текот на нивната долга историја, и за разлика од другото население во регионот, никогаш не биле гостопримливи за туѓинци, а и ден денес одбиваат каква и да е интеракција со надворешниот свет. Живеат од лов и риболов, користејќи лакови и стрели. Изработката на предмети од метал и земјоделството не им се познати. Претпоставките дека се човекојадци се отфрлени, бидејќи на островите се пронајдени тела на луѓе кои тие ги имаат убиено.
Познати се обиди за контакти од страна на белците, што од мака (заради бродоломи), што од политички и истражувачки причини. Списанието Национална географија во 1974, на пример, испратило тим антрополози да сними документарец „Човек во потрага по човекот“, придружен од вооружени полицајци. Веднаш штом ги виделе домородците почнале да стрелаат, а не помогнале ни оставените подароци - минијатурна пластична количка, живо прасе, кукла и алуминиумски прибор за готвење. Режисерот бил ранет, а домородците не само што се смееле на неговата мака туку и ги закопале прасето и куклата, симболично порачувајќи дека ама ич не им е гајле за нив.
Слично завршиле и обиди на колонијални и индиски функционери кои сакале да им пружат „социјална помош“. Последна жртва на контактот со Сентинелезите е Џон Ален Чау, 27-годишен американски евангелист, кој бил убиен пред неколку дена кога се обидел да им пристапи со Светото писмо во рака. Тој бил илегално донесен близу островскиот брег од локални рибари, кои успеале да избегаат. Неговото семејство по веста за медиумите изјави дека „му простува“ на племето.
Но во известувањето за овој настан кој ги претставува членовите на ова племе како насилници е прескокнат еден важен момент, кој укажува на нивниот исклучителен осет со кого да контактираат, а на кого да ги вперат стрелите.
На 4 јануари 1991 една млада жена-антрополог ризикувала многу кога се приближила на островите - тоа била Мадхумала Чатопадиај, која во тоа време ги истражувала различните „примитивни“ племиња на Андаманските и Никобарските острови. Кога кајчето со службеници на индиската администрација на чело со Мадхумала се приближил на брегот тие не оставиле глупави предмети, туку почнале да фрлаат кокоси во водата, кои по некое време домородците почнале да ги собираат. По неколку часа трпелива невербална комуникација, Мадхумала покажала иницијатива - повикала со рака еден од домородците да пристапи кон кајчето и да го земе кокосот од нејзината рака. Овој веднаш ја оптегнал тетивата решен да стрела, но една од доморотките го бутнала и стрелата ја промашила целта. Ова ја охрабрило Мадхумала, и таа влегла во водата, а со тоа и во антрополошката историја.
Нејзиното следно доаѓање по повеќе од еден месец било дочекано многу поентузијастично, сега веќе со воспоставена доверба. На сличен начин таа им пристапувала и успевала да исконтактира и со соседни изолирани племиња. Нејзиниот успех сепак не се должел на прочитаните книги или на теориското антрополошко знаење, туку на простата човечност и немање задни намери, кои ова племе и тоа како може да ги намириса. Особено бил важен контактот жена-жена. Така, за да покаже дека не се плаши, Мадхумала во еден момент при првите средби со племето Јарава прегрнала доморотка. Присутните жени толку се шокирале но истовремено и воодушевиле од овој потег, што во текот на престоите на Мадхумала ги бркале мажите на страна за да не им текне да ја повредат. Подоцна и дозволувале да си игра со нивните деца, како и да им ги лекува раните.
Во 2015 кога била интервјуирана во обид да се извлече од заборавот таа изјавила дека иако имало моменти кога треперела од страв, никогаш не била малтретирана или понижувана од страна на овие племиња кои технолошки се можеби во камено време, но социјално многу пред (или поточно различно) од нас. Таа денес работи како државен службеник во Њу Делхи, во побезбедна но и здодевна атмосфера. Нејзината многу пославна колешка, Рут Бенедикт, има изјавено дека „целта на антропологијата е да го направи светот безбеден за човечките разлики“, токму она што го се обидела да го стори Мадхумала, без никого да „припитомува“ и „преобраќа“.