Изгледа како средовечен и достоинствен човек, чие име не е познато. Дотеран е согласно модата на своето време, и благо насмеан, со подзамижани очи кои под агол се упатени директно кон гледачот. Тоа е „Портретот на непознатиот морнар“ на Антонело дa Месина, сликар од Сицилија, кој живеел во втората половина на 16 век.
Денес сликата се наоѓа во Музејот Мандралиска во Кефалу, во провинцијата Палермо. Нема официјален наслов, па името е повеќе описно. Понекогаш се нарекува „Човекот што се смее“, бидејќи токму тоа е нејзината специфика.
Дали ова е првиот портрет во историјата на којшто има човек што се смее, или оваа титула ѝ припаѓа на загадочната насмевка на Мона Лиза? Уметноста на портретирањето, до 16 век, прикажува сериозни фигури, со недвосмислено стегнати усни. Атмосферата којашто вообичаено се доловувала била свечена, гламурозна, мистична или религиска. Oвие стилови не толерираат насмевки, особено не вакви, многу човечки. Непознатиот морнар се насмевнува не како светец или благородник, туку како што тоа би го направил секој „обичен“ човек.
Помеѓу историчарите на уметност додуша се води и една малку поинаква дискусија. Дали е ова смеење, насмевка, потсмевнување (на англиски - grin), изнудено движење на фацијалните мускули или нешто сосема друго? Дискусијата можеби изнудува насмевка, но е важно за рекламирањето и брендирањето на делото како „прво на кое некој се смее во историјата“ или барем „втор најпознат насмеан портрет на светот по Мона Лиза“.
Сликата со техника маслена боја на дрвена плоча е прилично мала (31х24,5 цм) а авторот ја изработил како подарок за еден филантроп, баронот Пирано ди Мадралиска. Тој се соочил со лик на човек со по малку иронична и горчлива насмевка, која не ни кажува многу за тоа од што би можела да биде поттикната. Детални проучувања на сликата покажале дека сепак не станува збор за морнар, туку најверојатно за богат бискуп-амбасадор, тутор на кралот на Шпанија и Сицилија, Фердинанд Втори Арагонски. Неговото име било Франческо Витале.
На овој портрет му е посветен и роман на авторот Винченцо Консоло oд 1976, кој врз основа на расположивите историски податоци гради фиктивна приказна за човекот кој изнудено, иронично или просто спокојно се смешка, со векови.