Жената за којашто станува збор денес има 59 години и се вика Џој Мангано. Таа била самохрана мајка од Лонг Ајленд, која едвај го издржувала своето семејство, до моментот кога не ѝ паднала на ум идеја за производство на самоцедачки џогер. Како што често се случува, патот од идејата до реализацијата бил трнлив, и токму за него зборува филмот, чијшто извршен продуцент е токму Мангано. Таа смета дека неговата порака е инспиративна и за мажите и за жените - „Биди храбар за она за што чувствуваш страст, затоа што инаку никогаш нема да го постигнеш она што знаеш дека лежи во тебе", вели таа.
И покрај тоа што е најпозната по џогерот, таа има регистрирано уште 100 патенти, меѓу кои и тн. „Закачалки што гушкаат", кои се разликуваат од оние на кои сме навикнати по тоа што се обвиткани со сомот, што оневозможува лизгање на облеката. Таа е еден од најдобрите продавачи на теле-маркетинг каналот HSN, а оваа година се проценува дека заработила околу 50 милион долари нето.
И покрај сето ова, плус славата којашто сега ја доживува преку филмот, за животот на Мангано пред 1990, кога го измислила магичниот џогер, речиси да не се знае ништо. Била одлична ученичка и средното го завршила една година порано од нејзината генерација. Се омажила и имала три деца пред да се разведе во 1989, иако, исто како и во филмот, таа и мажот ѝ останале пријатели и бизнис партнери. Работела на аеродромски шалтер и како келнерка, до моментот кога почнала да работи на џогерот. И тука отприлика завршува приказната.
Еден од оние кои најмногу се измачиле да извлечат повеќе материјал од неговиот „субјект" е Фергус Масон, автор на „Џој: неофицијална биографија на пронаоѓачот на магичниот џогер". Тој има напишано 36 книги со различни биографии на главно подзаборавени а значајни ликови, но вели дека на овој му било најтешко да работи, бидејќи Мангано не се отварала за приватниот живот.
Што се однесува до филмот, приказната за поврзаноста на три генерации жени во семејството е вистинска. Исто така е реален податокот дека при нејзиното појавување на телевизија таа продала 18,000 џогери. Но голем број други детали се или варирани или целосно измислени. Ликот кој го игра Бредли Купер како извршен директор на QVC, каналот на којшто се рекламира џогерот, е инспириран од основачот на телевизијата, но иако во филмот тој најпрвин бара од неа да изработи 50,000 парчиња за чие производство филмската Џој мора да земе втора хипотека на куќата, во реалноста биле нарачани само 1000.
Мангано, чие презиме во филмот никогаш не се спомнува, била директно вклучена во пишувањето на сценариото и снимањето на филмот. Еве како изгледала таа во 1996, во реклама за џогерот:
Еве ја денес, во интервју за филмот: