Пред триесет години бротчето на Стивен Калахан со кое тој го минувал Атлантикот потонало, и тој минал 76 денови на сплав. Исто како и фиктивниот Пи, и тој опстанал со пиење дождовница и јадење сирова риба - вистинска животна приказна која самата по себе вреди Оскар.
„Бев на мал брод, долго нешто повеќе од 6 метри", вели Калахан, „и пловев речиси во средината на океанот", раскажува тој. Како искусен морнар, тој се враќал од самостојно преминување на Атлантикот, кога налетал на бура и се соочил со огромни бранови. Исто како и во филмот, и Стивен веднаш грабнал нешто намирници и се префрлил во гумениот чамец за спасување. Следеле повеќе од два месеци живот како „акватски пештерски човек".
Фактот што преживеал значи дека тој не само што сега има искуство со практичните аспекти на животот на отворено море, туку и со емоционалните подеми и падови. Најтешкото според него е втората фаза, кога сфаќаш дека непосредната опасност е избегната и почнуваш да вртиш филмови, особено за она што си го пропуштил или што си го згрешил во животот. Истовремено почнуваш да развиваш чудна приврзаност кон истото она кое може да те убие - во случајов рибите, малите но и оние поголемите и поопасните, кои се единствените живи суштества околу тебе. Освен што се хранел со нив, тие на крај и навистина го спасиле, бидејќи го нашле токму рибари. Тие никогаш претходно не ловеле во тој дел од морето, но овој пат забележале голем број птици кои го покривале сплавот, токму заради остатоците од риба.
На моменти во текот на снимањето Стивен одново ја преживувал целата драма. Сепак, тој не жали за соработката, бидејќи како што вели таа го натерала да сфати дека после сè станал подобар човек. На сплавот го прославил неговиот 30-ти роденден, а неодамна во болнички кревет го прославил 60-тиот. Иако е дијагностициран со леукемија, токму искуството со борбата со океанот прави да верува во скапоценоста на животот, и во тоа дека има надеж.
(На фотографијата Калахан во весник од Гвадалупе во 1982, по неговото спасување)