Времето и местото во кое се родила Маргарет Ен Балкли не било благонаклонето кон тоа жени да вршат „машки“ професии. Таа немала друга опција да си го оствари сонот - да студира медицина и да работи како доктор - освен да се преправа дека е машко. Во конспирација со родителите и неколкумина нивни либерални пријатели, Маргарет, сега Џејмс Бери, аплицирала на Универзитетот во Единбург, каде била примена. Нејзиниот тенок глас, деликатните црти на лицето и меката кожа направиле многумина да се посомневаат, но не дека таа е женско, туку дека станува збор за младо момче пред пубертет. Најпрвин универзитетскиот Сенат сакал да ја блокира апликацијата на Бери врз основа на неговата младост, но влијателен благородник извршил притисок, и тој бил примен.
По завршување на факултетот, Бери се приклучил на армијата. Служел, меѓу другото, и во Јужна Африка, каде го извршил првиот успешен царски рез на овој континент. Секаде каде што работел се обидувал да ги подобри санитарните услови и многу гласно барал поголеми права за здравствената заштита на сиромашните и непривилегираните. Во своите гневни изливи кон властите по овие прашања одел до таму што на неколку пати бил апсен, и казнуван со намалување на чинот. Имал невообичаено модерни сфаќања во врска со исхраната, бил строг вегетаријанец и антиалкохоличар, и иако не сакал многу да се дружи со луѓе, обожавал животни, особено својата пудлица по име Психе. Имал и верен, црн слуга, кого прв пат го вработил во Јужна Африка, и кој останал крај Бери до неговата смрт, од дезинтерија во 1865.
Всушност, неговиот биолошки пол го открила жената што ги миела телата во мртовечницата. Иако нејзиниот идентитет не е познат, она што се знае е дека таа, бидејќи не била платена за својата работа, во знак на протест го посетила докторот кој ја издал посмртницата, кажувајќи му дека згрешил кога напишал дека Бери бил маж. Кога тој сепак одбил да и плати, таа ја продала приказната на весниците, и таа оддекнала како скандал. За да ги прикрие сите траги, армијата го запечатила досието на Бери за следните 100 години. Историчарите добиле пристап до документите дури во 1950-тите.
Во февруари оваа година беше најавена нова книга инспирирана од оваа приказна, од Елен Леви, американска професорка и писателка, под наслов „Докторката од Кејп“ (The Cape Doctor). Во најавата авторката го опишува главниот лик како „хероина на нашето, и на секое време“, а во самата книга за него користи заменки во женски род. Многумина ја нападнаа оваа нејзина одлука, посочувајќи на фактот дека самиот Бери се нарекувал себеси „џентлмен“, изрично забранил да биде прегледуван и соблекуван по смртта, и најверојатно имал љубовник - лорд Чарлс Сомерсет, гувернерот на Кејп Таун, чија ќерка ја лечел. Дали со тоа што уште во младоста морал да се претставува како машко навистина го присвоил овој родов идентитет, или и ова „машко“ однесување и во приватниот живот бил уште еден начин за манипулирање на јавноста, тоа денес никој не може со сигурност да го тврди. Дали доколку се родела во 1989 наместо во 1789 Маргарет повторно ќе одберела да стане маж? Сепак ова не ја спречува транс-родовата заедница да го смета Бери како нејзина икона, а пак феминистките истото тоа да го прават со Маргарет.