Сандра Булок во филмот во еден момент лебди во вселената, заглавена во руска капсула која не мрда ни напред ни назад и во која снемува кислород. Очајна да воспостави каков и да е контакт со земјата, таа на радио врска добива некого кој зборува неразбирлив јазик, додека во позадината се слушат лаежи на кучиња и плач на бебе. Во нашите (а и во нејзините) уши ова одѕвонува како сигнал на надеж - дека таму некаде некој води сосема обичен живот, дури и само на тој начин придонесувајќи кон шареноликоста и богатството на човештвото.
Сега Јонас Куарон ни нуди краток филм кој ја раскажува приказната на овој човек - се вика Анингак (Aningaaq), инуит од Гренланд, кој живее во снежна пустина, речиси исто толку огромна колку и ѕвездената глетка пред очите на Булок. И тој пустиот се мачи со прашања за смислата на животот и разделбата од саканите суштества, додека се обидува да еутаназира едно од неговите стари кучиња.
Икуството за приказната произлегува од патувањата на неговиот автор низ Гренланд. „Патував со санка некои две недели низ регионот, и забележав дека меѓу инуитите и нивните кучиња има прекрасна врска", објаснува тој. „Тие патуваат долги километри за да рибарат во мразот, и единствените пријатели кои притоа ги имаат се нивните кучиња. Тоа е и пријателство, но и начин на опстанок. Тие зависат од овие кучиња, но кога некое од нив ќе се разболе или ќе остаре мораат да го жртвуваат. Налетав на еден таков рибар кој мораше тоа да го стори со своето куче, и тоа им паѓа навистина тешко".
Можно е и овој краток филм да биде номиниран за Оскар, исто како и „Гравитација". А би било интересно да се направат и уште варијанти, за паралелните светови кои се допираат некаде помеѓу, ни на небо ни на земја.
Извор: Холивуд Рипортер