Во „Шесте Тачерки“, како што е насловот на новата епизода, Шерлок се занимава со мистериозното уништување на скулптури на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер. Критичарот на Гардијан за неа напиша: „Очигледно постои публика и апетит за мускулести убијци, пукања со машинки и Бенедикт Кумбербач како прокиснува во скапо одело додека ги тепа лошите. Но исто како и на други перверзни инстинкти кои демнат во нашите умови, и на овој апетит треба да му се пружи отпор, и да не се претвора Шерлок во Шерлок Бонд“.
Авторот на серијата Марк Гатис (кој го игра и брат му на Шерлок во серијата, Мајкрофт) на ова одговори во - стихови.
„Еве критичар кој задава низок удар
демек Шерлок е глуп и станал нула/нула,
вели дека дечкото од Бејкер стрит не е човек од акција
но ги игнорира приказните кои би му ја дале точната информација“
Гатис всушност асоцира на начинот на кој на критика одговорил „изумителот“ на Шерлок, Артур Конан Дојл, во весникот „Лондонско мислење“ од 1912. Претходно извесен Артур Гитерман напишал песна под наслов „На сер Артур Конан Дојл“, во која софистицирано но сепак прилично јасно (онака како што само знаат Британци) го обвинува Дојл за оправдување на англиската колонијална позиција која му донела витешка титула, како и за крадење материјал од Едгар Алан По и други претходни автори на криминалистички раскази и романи. „Зајми, сер витез, но чесно!“, го опоменува тој, укажувајќи и на „невротичната морбидност“ на неговиот главен лик.
Конан Дојл на ова одговорил со своја песна, под наслов „На неупатениот критичар“, во која вели дека нападот врз него лично не треба да се претвора во напад на еден недолжен книжевен лик:
Понекогаш човек мора да викне со злобност:
„Каде е границата на човечката глупост?...
Нели сте научиле, мој ценет критичару,
дека создаденото не е создателот?
Како би изгледале расправиите на наше толо доколку би морале да запазуваат поетски ритам и рима? Веројатно никој со никого не би успеал да се скара, што, конечно, е добра вест.