
„Вамос а ла плаја“ беше хит далечната 1983, кога ечеше од летните дискотеки. Тоа беше втор сингл од дебитантскиот албум на италијанското дуо Ригера (зошто пејат на шпански тоа не ни стана јасно), за кое подоцна не памтиме дека извади друга популарна песна. Но повеќето од нас не научија ништо ни за нив ни за песната освен насловниот стих. Излегува дека таа не е баш „тралалајка“ како што звучи на прв поглед.
„Вамос а ла плаја“ е всушност за последици од нуклеарна експлозија, иако сликата на апокалиптичното уништување која ја претставува е навидум весела.
„Ајде на плажа, о-оо-оо
Ајде на плажа
о-оо-оо
бомбата експлодира
радијацијата пржи и обојува сè во сино“
(што ја објаснува и доминантната флуоресцентна боја на видеото)
И тоа не е сè. Песната уште раскажува како радиоактивниот ветер ја бушави косата и повикува на капење во конечно чистото море „без смрдлива риба, само со неонска вода“.
Идејата на вокалистот Џонсон Ригер била да се направи песна инспирирана од шеестите, од оние кои зборуваат за безгрижно капење, сурфање и плажа, но внатре да се вметне приказна за пост-атомско доба, како некој вид предупредување или сатира. Ова последново испаѓа авто-сатира, имајќи предвид дека луѓе што не зборуваат шпански со децении наивно си ја потпевнуваат без да знаат што кажуваат.
Види претходно: Погрешно разбраните весели песни