Утрото на 30 јануари 1889, тројца пријатели на австрискиот принц Рудолф ја искршиле вратата од спалната соба на неговата ловечка кабина и го пронашле мртов. Неговото голо тело лежело до она на неговата млада љубовница.
Повеќе од сто години се шират теории за ова двојно самоубиство (или убиство и самоубиство). Едно нешто е сепак јасно: по некаков домино ефект, овие смртни случаи не само што ја симболизирале дестабилизацијата на европските монархии туку имале и глобални реперкусии. Трагичната романса директно го поттикнала падот на Австро-унгарската империја, што пак водел до последователен почеток на Првата светска војна. Ова пак завршило со мировен договор кој ги потпалил искрите за Втората светска војна.
Прогресијата на глобални настани е очигледна, но фактите за таа ноќ не се такви. За да се разберат, треба да се земе предвид поширокиот концепт. Франц Јозеф во таа 1889 бил владетел на Австро-Унгарија, империја составена од голем број етнички и национални групи, од кои голем број сакале да си формираат сопствени национални држави. Но Франц Јозеф не само што не им давал независност, туку влегол во сојуз со Германија, за да обезбеди дека тоа никогаш нема да се случи.
Но неговиот наследник, принцот Рудолф, покажувал симпатии кон оние кои сакале да се издвојат, па дури имал и либерални политички гледишта во споредба со својот озлогласено конзервативен татко. Бил генерално сензитивна душа, а жените го сакале. Но во времето на својата смрт бил оженет со принцезата Стефанија како кралска обврска, а не од љубов. Таа е опишана како недоволно образована, со жесток темперамент и тврдоглава. Кога се омажила имала само 15 години. Тие заедно имале една ќерка, Елизабет, позната како Ерзи. За кралски пар било необично да имаат само едно дете, но поради своите вонбрачни авантури Рудолф ја инфицирал жена си со сифилис, по што таа веќе не можела да има деца.
Марија Ветсера, 17-годишна баронеса, второто тело на сцената на мистериозните смртни случаи, била само една од неговите љубовници во тој период. Имала убави очи, чпрто носе, „великодушна“ уста и „одлучна“ мала брадичка. Не била некоја голема убавица, но без сомнение знаела да заведе. Рано процветала и изгледала постара од своите години. Нејзината мајка била ќерка на богат ерменски банкар од Константинопол, а таткото припаѓал на пониското австриско благородништво. Сепак, интелектуално била опишувана како „празноглава“ и „импулсивно суштество“.
Всушност, таа и не е првата жена на која принцот ѝ предложил заедничко самоубиство. Гласините велеле дека истото го побарал од Мици Каспар (куртизана, полициска шпионка, убава танчарка). Откако таа го одбила, истото го побарал од Марија. Таа го сакала и најверојатно самата се согласила со ова. Но со оглед на разликата во години и статусот на принцот, кој знае дали навистина имала избор. Според наодот на местото на самоубиството, половина од черепот на Рудолф бил разнесен од куршум испукан од блиску. Имало и муабет за тоа дека и двајцата испиле стрихнин, поради чаша која била најдена во просторијата.
Царското семејство се обидело да го заташка скандалот. Издадено е соопштение според кое Рудолф умрел од срце. Телото на Ветсера било брзо закопано, иако потоа било откопано повеќе пати, последен пат во 1991, а нејзините коски биле украдени од озлогласен „Крадец на гробови“ пред да бидат вратени две години подоцна.
Крај телата имало неколку писма, но истите лесно можеле да бидат напишани и од вешт измамник. Голем број луѓе на високи позиции сакале да се отарасат од Рудолф поради неговите либерални идеи, па не е вон памет дека тие биле лажни.
Сепак, во 2015 во Виена се откриени писма заклучени во кутија. Во нив е очигледно дека Марија се подготвувала да изврши самоубиство со Рудолф. „Драга мајко, те молам прости ми за ова што го направив. Не можев да одолеам на љубовта. Сакам да бидам закопана до него во гробиштата Аланд. Посреќна сум во смртта отколку во животот“.
Принцот Рудолф бил единствениот син на Франц Јозеф, што значи дека линијата на наследство на Хабсбурговците била прекината. Братот на Франц Јозеф, Карл Лудвиг, бил планиран за наследник но тој се откажал во името на својот најстар син, Франц Фердинанд. Останатото е историја, која можела да биде многу поинаква, и без крвопролевање, доколку Рудолф не го презел судбинскиот чекор.