„Рил Бук“ била „рил дил“ - најважната работа што требало да ја има еден џез музичар во САД во седумдесетите покрај својот инструмент и талентот. Но дури и оние кои учеле во музички училишта не можеле просто да ја купат. Затоа што „Реалната книга“ била - нелегална.
Најпознатата збирка на џез музика од тоа време била направена без да се испочитуваат авторските права за нотациите. Евтин самиздат, тој се умножувал по копирници и се продавал по улици, од гепеци и „под тезга“ во музички продавници, каде луѓето користеле тајни лозинки за да ја добијат.
Целосната приказна за настанокот на оваа бутлег „библија“ на џезот е сложена, не само поради тоа што нејзините автори и до денес се непознати за јавноста, туку затоа што таа покажува што се случува кога една импровизациска уметничка форма како џезот ќе се кодифицира и со тоа ќе стане нешто што (наводно) може да се научи од книга.
Пред да излезе „Рил Бук“, џез музичарите се потпирале на збирки кои ги нарекувале „фејк букс“. Тоа биле картонски картички кои содржеле основни податоци за одредена песна и нешто од мелодијата, како еден вид потсетници, особено корисни за музичари кои свиреле на прослави и по нарачка на муштериите. За да бидат подготвени за каква и да е музичка желба, и во ситуација во која никако не можеле да ги знаат на памет сите мелодии, тие ги користеле овие картички за да ја ѕирнат основната линија врз основа на која потоа импровизирале. Нешто слично како и нашите кафеански пејачи кои пред себе имаат некаков вид тефтер или можеби лаптоп од кој ги гледаат стиховите или се потсетуваат на мелодиите.
Но колку и да биле корисни за музичарите, овие картички биле омразени од музичките издавачи, кои сакале да продаваат легални нотни записи. Тие влегле во отворена битка со „пиратите“, но како што тоа се случува и денес, картичките не исчезнале, туку циркулирале по ноќните клубови уште долго време.
Сепак со нив имало повеќе проблеми. Поради малиот простор текстот и нотите биле премногу збиени и нечитливи, а содржеле и веќе застарени стандарди од 1940-тите. Новата генерација џезери експериментирале на начини кои до тогаш не биле познати. Лажните книги не можеле да се носат со големиот број промени и не ги содржеле мелодиите на најголемите џезери од 60-тите и 70-тите.
Двајца студенти од Музичкиот колеџ Беркли решиле да ги земат работите во свои раце. Тие му пристапиле на еден свој професор (за кого сигурно сметале дека е доволно либерален и дискретен) по име Стив Сволоу и побарале помош од него во правење на нова „фејк бук“, ама таква која ќе им служи на современите џез музичари. Таа би содржела стари џез стандарди, но и нови артисти како Херби Хенкок или Орнет Колман. Истовремено сакале да го поправат изгледот на старите „книги“, тие да бидат поубави но и полесни за користење.
Еден од двајцата студенти ја нотирал сета музика рачно, со специфичен и читок ракопис. Исто така го создал логото на насловната. Книгата била готова летото 1975, по што речиси преку ноќ се раширила низ музичките кругови. И не само во САД туку и низ целиот свет. Иронично, самите студенти-автори се нашле во ситуација да бидат пиратирани.
Издавачите повторно биле шокирани. Бидејќи никако не можеле да излезат на крај со брзината и обемот на пиратирање, решиле да преземат нешто поинакво. На почетокот на 2000-тите еден од нив ги купува правата за сите песни и објавува целосно легална верзија. Сега таа може да се купи во речиси секоја музичка книжарница, и иако е нова, личи на старата. Издавачот најмил дизајнер кој изработил дигитална верзија на стариот, рачен фонт и на логото.
Она што останува ризик и со оваа најнова книга е таа да се толкува како „алфа и омега“ на музицирањето. Всушност таа е само почетна точка, од која секој музичар треба да си го најде патот - да не свири буквално како што е напишано.