Последниот човек кој знаeл сè

Вообичаено за човек со широки интереси и познавања се вели дека е „жива енциклопедија“. Луѓе кои се детално упатени во некои области има и денес. Но такви кои знаат сè, повеќе од Гугл, се одамна изумрени. 

Во средниот век голем број духовни лица низ Европа, изолирани во тишините на нивните манастири, впивале речиси сè што можело да се добие како книшко знаење. Во Франција во 18 век Енцикопедистите успеале да го „зипуваат“ она што го сметале за важно знаење во само 28 тома, а во истиот период имало голем луѓе со широка општа култура кои знаеле истовремено и за анатомија на некоја опскурна риба и за кинеска филозофија, доволно за да напишат цели книги за нив.

Но на преминот од 19 во 20 век, работите почнале да се комплицираат. Збирот на човечкото знаење за флората и фауната, јазиците и културата на различни народи, техничките и медицинските прашања, почнале да се акумулираат со стапка многу поголема од кој и да е друг период во историјата. Истовремено се трупале и теолошките и филозофските мудрувања, како и книжевните дела кои се обидувале да ја задоволат сега веќе помасовно описменетата читателска публика. Во една таква атмосфера, ликот на човек како Сабин Беринг-Гулд изгледа како последниот кој знаел сè.

И под „сè“ се мисли ама баш сè. Интересите на викторијанскиот пастор вклучувале филологија, антропологија, фолклор, детски приказни, геологија, топографија, сликарство, оптика, металургија, древна и модерна историја, музичка теорија, археологија, тривија за индустријата на ископување сол во Англија и театар. Помеѓу 130-те книги кои ги објавил имало таква посветена на проучувања на Стариот завет; биографии на Наполеон Први и римските императори; историја на Германија, Исланд, Северен и јужен Велс, Рајна и Пиринеите; водич за презимиња; збирка на животи на светци во 16 тома; десетина романи и теолошки есеи посветени на проблеми на злото и, последно но не и помалку важно - книга за духови и други демонски суштества. Оставил и огромна колекција писма, илјадници страници дневнички записи и мемоари.

Негова нова биографија под наслов „Сабин Беринг-Гулд: човекот кој раскажуваше илјадници приказни“ на Ребека Топ, почнува со забелешка на авторката дека таа и покрај сиот труд вложен во истражување на неговите лик и дело сепак не успеала да сфати како е можно сето ова знаење да се складира во еден човек. Врз основа на претходно необјавуван материјал таа ни прикажува портрет на еден од најнеобичните, брилијантни интелекти на модерното време.

Беринг-Гулд се родил во Ексетер во 1834. Како дете бил болникав, па наместо да оди на школо имал приватни тутори. Откако дипломирал на Кембриџ, кратко време работел како директор на училиште, но потоа станал свештеник во англиканската црква. До тој момент веќе ја имал започнато писателската кариера, со роман за средовековен Исланд.

И тој одлично би се вклопил во денешното доба на интернет, кога запишувањето и објавувањето и на најбаналните дневни мисли стана компулсивно клише. Пишувал со речиси натчовечка енергија, и тоа - стоејќи, на висока работна маса, која не ја напуштал додека не напишел барем 3000 зборови. Во моментот кога ќе завршел една книга, ја препишувал за себе и им ја испраќал на издавачите. По една недела веќе работел на сосема друга тема.

Но во ваквиот навидум „сув“ наратив се вмешува и една трогателна љубовна приказна. Нашиот лик се заљубил во извесна Грејс, ќерка на воденичар, за која неговите надредени сметале дека не е достојна да биде сопруга на еден викар. Ја испратиле во Јорк да добие обука за тоа како е да се биде Англичанка од средната класа. Таа се согласила на истото, и парот се венчал во 1868. И сега доаѓа она уште поневеројатното во контекст на напорите за пишување на овој необичен лик - тие во текот на нивниот брак имале 15 деца, од кое на рана возраст умрело само едно. Кога Грејс починала во 1916, Беринг-Гулд побарал на нејзинот гроб да пишува: Dimidium animae meae (Половина од мојата душа).

Самиот починал на 89 годишна возраст во 1924. Така завршил животот на човек чиј живот изгледа како самиот да е излезен од некаква книга.

28 април 2018 - 12:03