Во 1760 година, фабриката за керамика на Џошаја Веџвуд во Сафордшир, Англија, почнала да изработува чајници со интересен натпис:
„Здравје на болните
Слава на храбрите
Успех на љубовниците
и слобода на угнетените“
Стиховите му се припишуваат на англискиот поет Ричард Дјук, и се преземени од неговата песна од 1717, The Review. Иако не е баш јасно дали тој бил активен поборник за укинувањето на ропството, овие стихови станале симбол токму на една таква кампања. А има ли подобар начин за промовирање на некаква идеја во Британија од тоа да ја ставиш на чајник, кој така станува билборд кој постојано им стои пред очи на чајопијците?
Ова особено важело за 18 век, кога порцеланските шољички и чинивчиња со чајно пециво, и ритуалите поврзани со нив, претставувале социјална и политичка арена. Уште поважен дел од протестот бил шеќерот, кој до 18 век бил луксуз на богатите, а при крајот на тој век веќе дел од вообичаената исхрана на Англичаните. Во 1791 Вилијем Фокс во памфлет под наслов „Апел до граѓаните на Велика Британија да апстинираат од западно-индискиот шеќер и рум“ ги повикал своите сограѓани да се откажат од користењето на „крвавиот шеќер“, бидејќи во спротивно учествуваат во криминал:
Продавачот на робови, оној кој ги поседува и оној кој ги тера да работат, сите го прават тоа за потрошувачот, па може да се смета дека тој ги најмува за да му го обезбедат производот.
И токму тука влегуваат во игра и чајниците. Всушност, нивното место во политичката култура на 18 век е поврзана со начинот на кој белите жени го искористиле моментот да се постават во средиштето на националните дебати, и прв пат да се заложат за некаква политичка кауза.
Ова секако нема само врска со фактот што жените биле оние кои ги принесувале чајниците на своите гости, најчесто други жени собрани на чајанки, па можеле и да се „занесуваат“ дека прават нешто ангажирано. Нивната куповна моќ во текот на 18 век пораснала, па оние побогатите одлучувале својот буџет да го потрошат на фини предмети, како скап порцелан. Ова не наидувало на поддршка кај нивните сопрузи и кај другите мажи, кои го сметале купувањето на нешта кои слугите лесно ги кршат за фрлање пари. Женски лукаво, овие пак токму пиењето чај и, многу важно, некористењето шеќер притоа, го трансформирале од губење време, во активистички чин.
Помеѓу 1760 и 1865 аболиционистички чајници можеле да се најдат во Англија, Франција и САД. Некои биле евтини, за масовна потрошувачка, други биле насликани рачно и наменети за посебни прилики. Но чајанките биле само дел од приказната - жените пишувале памфлети, песни, собирале потписи за антиробовладетелски петиции, формирале антиробовски здруженија и делеле флаери на кои била пресметана „математиката“ на крвавиот шеќер.
Ова секако не ја спречило понатамошната трговија, барем не до 1833 кога ропството било официјално укинато во Англија. Но претпоставката е дека околу 400.000 Британци во меѓувреме се откажале од „крвавиот шеќер“. Чајниците кои денес се чуваат по музеи сведочат за активизмот кој придонел за тоа.
Извор: Laphams Quarterly