Пареидолија или кога препознаваш слики во случајни нешта

Кога компир изгледа како мапа на голема Македонија. Или, поактуелно, кога облак делува како модел на коронавирус. Ако гледате ликови и познати форми насекаде, тогаш искусувате нешто што во минатото се сметало за симптом на психоза, а денес за нормална човечка тенденција, која може да е и сигнал на висока креативност.

„Пареидолија“ е тенденција за погрешна перцепција на некоја случајна форма како да е човечки лик, животно или предмет. Тоа може да биде препознавање шеми во карпи, облаци или сенки. Чести се на пример „пројавите“ на верски теми и ликови на, на пример, тазе снесени јајца, корења од дрвја или облик на зеленчуци, кои често добиваат бизарни пропорции, како кога на и-беј на продажба  бил ставен сендвич со лик на Богородица. Според овој настан била насловена и првата книга која ги документира религиските пареидолии, „Богородица на тост“ од 2007. Во текот на нападите од 11 септември, пак, ТВ гледачи пријавиле дека го виделе Сатаната во чадот кој се издигал од Светскиот трговски центар.

Кај нас пареидологијата е веројатно најприменлива во гледањето на кафе, со барање на препознатливи форми во случајните бразди од талогот (кои така стануваат и не толку случајни). „Што гледаш во овие дамки?“ е прашање, кое според тестот на Роршарх може да ги открие нашите скриени мисли и расположенија. Во уметноста особен интерес за пареидолијата покажувале ренесансните автори. Во „Хамлет“, на пример, данскиот принц го демонстрира своето „лудило“ со тоа што во облак гледа форма, за која не може да се одлучи дали е камила, ласица или кит. Понекогаш ова се користело и во сатирични цели, како во сликата „Судијата“ на Џузепе Арчимболдо од 1566, на која портретот е всушност составен од риба и пилешко.

Немотивираното забележување шеми и врски помеѓу неповрзани нешта долго време се сметало за симптом на психичко нарушување. Денес гледањето „нешта во нешта“ се смета за тенденција на креативен ум, и свеж поглед кон светот. Се разбира, сè додека ова не стане опсесија, па човек почне да се идентификува со неживи предмети, како со свои луѓе.

24 април 2020 - 20:37