Композиторот награден со Греми, Тобијас Пикер, создаде нова опера заснована врз „Будења“, книгата на неговиот личен пријател, неврологот Оливер Сакс.
Приказната, која беше основа за драма на Харолд Пинтер а доживеа и филмска верзија со Роберт де Ниро и Робин Вилијамс, се однесува на група пациенти во болница во Бронкс, кои страдаат од состојба наречена енцефалитис летаргика. Пикер всушност се запознал со Сакс откако побарал помош од него за третирање на сопствениот Туретов синдром. Докторот потоа присуствувал на голем број претходни опери на својот пациент, а во разговорите кои следеле ја дискутирале можноста за преточување на „Будења“ во ваква претстава.
Книгата и операта ја спомнуваат малку познатата пандемија која ги зафатила САД од 1916-1927 на енцефалитис летаргика од која починале милиони луѓе. Илјадниците кои преживеале останале „замрзнати“, како живи статуи, често пати заклучени во болнички соби, заборавени и „заспани“. При крајот на 1960-тите Сакс сфатил дека во „кафезот“ на телата на овие пациенти сепак се одвива внатрешен живот. Експериментирал со лекот L-DOPA кој се користи за третман на Паркинсоновата болест и почнал да ги враќа пациентите во живот - вистински луѓе кои имале загубено децении во кататонија.
Во 2010 Пикер веќе компонирал балет инспириран од „Будења“ кој доживеал светска турнеја, но операта според него навлегува подлабоко во теми кои првично се третирани во книгата - неподвижноста, заклучените тајни и поетската можност за обнова на животот.
Види претходно: Почина неврологот кој пишуваше како поет