„Може да ни дадете уште една Кодот на да Винчи, ама ние порадо би ви ги примиле вашите плочи! Итно ни требаат за да направиме повеќе пари за Оксфам“ - вака гласи пораката покрај купот книги која ја поставил управникот на огранокот на Оксвам во Свонси, Британија.
И ова не е прв пат оваа и слични организации да имаат проблем со преголем број примероци од само една книга. Пред три години, среде манијата со „50 нијанси“, ваква кула имало и од хитот на ЕЛ Џејмс. Кога ќе фати книжевна осека, таа остава леплива трага зад неа, со која тешко се излегува на крај. Истата година излезе и листа на книги кои најчесто се оставани по хотелски соби, на чиј врв се најде и истата авторка (на дваесетото место додуше беше „Големиот Гетсби“).
Подетална анализа на ваквите списоци покажуваат интересни трендови во промената на вкусовите. Сепак, појавата на некои наслови се „логични“, ако се има предвид во колкав број се печатени. На пример, со продадени 80 милиони примероци, „Кодот на Да Винчи“ е очигледен кандидат за расходување на оние кои ја купиле за да бидат „ин“, а можеби никогаш и не ја прочитале.
Но не сите вакви некогашни хитови завршуваат на купови - доколку има некој повод заради кој книгата се актуелизира (на пример е снимена успешна серија или филм или нивни продолженија), нејзиниот животен циклус продолжува. Сепак изгледа како непишано правило, дека она што денес е бестселер, утре може да биде само одвишен предмет низ куќа.