Делото е нова опера на Томас Адес, „Ангелот на уништувањето“ (The Exterminating Angel), a А-то над високото Ц го испеала сопранот Одри Луна.
До сега високото C е постигнато од илјадници пејачи. Исто и двете следни повисоки ноти (D, E). F е нешто поретко, а уште поретки се G и сниженото А. Но да се постигне високото А (високото ла), според Њујорк Тајмс, е комбинација на генетска предиспонираност, ригорозен тренинг и психолошка дисциплина над две кршливи гласни жици. Според архивистите на Мет, ова е „монументален настан, без преседан“.
Спомнатата сопранистка веќе била позната по високото G, во адаптацијата на „Бура“ од Шекспир во Мет во 2012, исто така дело на Адес. Новата опера, „Ангелот на уништувањето“ е базирана на сценариото на Луис Буњуел за неговиот славен надреалистичен филм од 1962. Луна ја игра Летиција, оперска дива која присуствува на вечера на аристократи, кои на крајот од ноќта, поради мистериозни причини, не можат да ја напуштат просторијата. Нотата, според авторот, е метафора за способноста да се надминат психолошките и невидливи граници кои ги опкружуваат главните ликови, но и нас самите.
За разлика од други високи ноти испеани на пример од Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Зербинета во „Аријадна на Наксос“, или од насловната улога во „Лучија ди Ламермур“, во „Ангелот на уништувањето“ Луна нема многу време за загревање: високото А е нејзина прва нота, која треба да ја испее пред да е дури и видлива за публиката (подоцна ја пее и втор пат, кога гостите на забавата надреално ја напуштаат сцената, па повторно се враќаат)
Ова не е прв пат Адес да ги тера неговите пејачки да одат во екстрем - едно од неговите први дела, „Пет пејзажи на Елиот“ за сопран и пијано од 1990, исто така завршува високо, но сепак на G. Toj самиот вели дека во ова има „корисна суровост“, и дека на времето не ни сонувал дека некој ќе испее толку високо. Можеби веќе сега смислува нешто уште поекстремно.
Изведба на „Ангел на уништувањето“ со Луна во насловната улога ќе може да се види на 18.11 (сабота) во Синеплекс преку ХД пренос во живо