Апел на НАСА

Небото нè повикува

„Општеството има одговорност да истражува. Некогаш се возбудувавме од непознатото и ја користевме секоја можност да погледнеме подалеку. Зачекоревме по месечината, почнавме да користиме машини за да допреме до далечните точки во Универзумот. Има уште толку многу да се научи."

Вака гласи повикот на НАСА кон американската јавност, од која се бара поддршка против буџетските кратења на кои е изложена оваа институција. На страницата theskyiscalling.us граѓаните можат да пополнат изјава и да ја испратат директно до Конгресот. Таа гласи: „Ви пишувам како гласач во вашата изборна единица, и ве поттикнувам да креирате и да гласате за закони кои ќе овозможат поголема финансиска помош кон НАСА. Како граѓанин изјавувам дека нема да дозволам Космосот да продожи да постои без оваа земја. За нашата иднина."

Во склоп на кампањата НАСА има направено и инспиративно, поетско видео кое не само што очигледно ја отсликува паниката на вработените кои можат да останат без работа, туку поставува и важни прашања со кои би требало да се соочи секоја, не само американската култура. Пардон, секоја која има амбиција да стреми кон ѕвездите.

26 април 2012 - 08:32