На 75-тиот роденден на Вејтс и 50-годишнината од „Барајќи го срцето на саботната вечер“: песната што Том му ја посвети на Керуак

„На патот“, романот на Џек Керуак од 1957, е точно тоа што се најавува во насловот - опис на патувањата на авторот и неговите пријатели низ САД, авантура исполнета со многу џез, поезија и дрога. Во него се препознаваат голем број клучни фигури на битничкото движење, како Бероуз и Гинзберг. И онаа меланхолија од чиј извор пиеле и многумина после нив.

Боб Дилан за „На патот“ на Керуак изјавил дека го има променето неговиот живот, како што го има променето животот на сите. Под „сите“ се подразбираат оние автори кои се фокусираат на пресекот меѓу животот и уметноста, со нагласени сетила и наострени пера опишувајќи го животот онаков каков што е, по споредните улици на големиот град и крајпатните меани. 

Кога на 15 октомври 1974 излегол вториот студиски албум на Том Вејтс, Looking for the Heart of Saturday Night, насловната песна му била посветена токму на Керуак. „Си ја зачешлуваш косата/го бричиш лицето/Се обидуваш да ја тргнеш секоја трага/На сите други денови во неделата/Знаеш дека ова ќе биде саботата/кога ќе го постигнеш зенитот“. Придружени со акустичната гитара на Том стиховите се химна на меланхолијата на трепкањето на неонските светла, кое се огледува во насолзеното око на шанкерката. 

При првата изведба на песната во живо таа година на радио станицата KPFK, Вејтс ја објаснува инспирацијата - дека токму низ таква саботна вечер поминал со другар, со кого ја делеле љубовта кон Керуак. „Затоа, ја посветувам на сите керуиканци“, вели тој на снимката, на 24:18

И целиот албум остаре многу добро, a сега, по повод годишнината, тој е и реиздаден од Анти-рекордс како 180-грамски винил, во 3700 примероци со боја на малина и само 800 во златна боја. San Diego Serenade, Shiver Me Timbers, Diamonds on My Windshield - всушност како што старееме со него, така подобро легнува и впива, како мокар капут со крената јака, залуден отпор кон ветерот што бричи. 

75 здравици за другарот Том вечерва (сабота вечер) во Буква
Букбокс читанка: Преведениот Вејтс (2009) тука 

7 декември 2024 - 11:02