„Рап музиката на суд“ е кампања започната од њујоршкиот сенатор Бред Хојлман, кој во ноември минатата година предложи законски промени кои „ќе ги заштитат сите уметници и креатори на содржини, вклучително и раперите, од тоа нивните сопствени стихови да бидат користени против нив од страна на обвинителите“.
Оваа иницијатива следеше откако во септември 2019 во њујоршкиот обласен суд, стиховите на рап музичарот Даниел Хернандез (подобро познат како Текаши69) биле употребени за да го убедат да стане владин сведок, со што би одбегнал построга пресуда. И ова не е единствен случај, особено во областа на рап музиката, стихови да се користат како доказ, и покрај тоа што тие всушност се форма на креативно изразување, а не „тврди“ факти.
Како поддршка на иницијативата на вчера, 19.1, поголем број њујоршки книжевни организации, на сајтот на Меѓународниот ПЕН, објавија отворено писмо. Истата ја поддржаа и поголем број рап-ѕвезди, меѓу кои Џеј-Зи, чиј адвокат всушност и го скицирал писмото.
Аргументите на поддржувачите на иницијативата е дека со тоа што уметноста се толкува како судски доказ се нарушува фундаменталното право на уметничко изразување, а фактот што станува збор за рап и хип-хоп стихови дополнително укажува на систематскиот расизам, карактеристичен за американскиот правен систем.
Обвинителите пак кои до сега ги користеле стиховите на овој начин тврдат дека тие „обезбедуваат контекст“ и „даваат увид во одредени несогласувања“. Имало обид практиката да се примени и во Британија, кога му се судило за убиство на рапер по име Unknown T, но ова било спречено од судија и раперот бил ослободен. Во 2018 на раперот Дига Д, кој во тоа време имал девет топ 40 хитови, му била издадена судска наредба која го спречува да користи одредени имиња, локации и теми во неговите стихови.