Песна на денот

Младите „револуционери“ кои заслужуваат одмор

Годината е 1970. Во Грција владее воената хунта, која се обидува да ја заштити земјата од наводна „комунистичка конспирација“. Од татковината поради политички прогон емигрираат стотици грчки интелектуалци-левичари.

Поетот Манолис Анагностакис, чиј политички активизам на страната на Демократската армија на Грција за време на граѓанската војна во оваа земја му има донесено смртна казна (која за среќа не е извршена), го коментира однесувањето на неговите современици - младите интелектуалци кои се повеќе трогнати од маките на некои далечни простори и минати времиња, отколку ангажирани да пружат отпор на актуелните неправди.

Не е неопходно да потенцираме дека песната важи за голем број контексти, и за сегашното време. Разликата е само во тоа што „непосредното и делотворно присуство“ со кое иронизира Анагностакис денес значи да кликаш лајк на ангажирани фејсбук постови, да потпишуваш дигитални петиции и да ретвиташ мотивациски цитати. 

МЛАДИТЕ ОД СИДОН, 1970

Всушност не треба да се жалиме
добро и срдечно друштвото е ваше, пука од младост,
девојки свежи - момци без никаква мана и крепки
полни со страст и љубов спрема животот
и спрема секое дејствување вредно

Добри се, со мисла и сок, и вашите песни
толку, ама толку човечки, трогателни,
за децата што умираат на друг континент
за хероите кои загинале во времиња други
за револуционери црни, зелени, жолтеникави
за болката на Човекот кој страда воопшто

Особено се одликувате поради она учество
во проблематиката и во борбите на времето наше
давате непосредно и делотворно присуство - а потоа
мислам дека имате право, и тоа многу,
по двајца, по тројца да играте, да се љубите
и да се одморите, брате, по толкав напор.

Манолис Анагностакис
од збирката „Бродолом“, Наша книга, 1988
препев oд грчки: Паскал Гилевски

 

28 септември 2017 - 18:19