Судбината на оние кои остануваат запамтени само по една улога во животот е по малку тажна. Но приватната приказна на Марго Кидер, која ја играше откачената Луис Лејн, девојката на Супермен во филмовите за него од доцните 1970-ти и раните 1980-ти, крие многу повеќе предизвици од тоа.
Родена како Канаѓанка, од татко експерт за експлозиви и мајка учителка, таа ја сведочела холивудската ера од седумдесетите, и тоа од прва рака. Во нејзината озлогласена куќа на брегот, северно од Малибу, се случувале битни средби на главно машки фигури кои учествувале во тн. Холивудска ренесеанса. Тука, низ чад од „трева“ и подоцна сред кокаинскиот прав, Брајан де Палма го сретнал Стивен Спилберг, а Мартин Скорсезе Пол Шредер. Додуша Спилгерг бил познат по одбивањето и на марихуаната, и на „белото“.
„Моментот“ на Кидер се случил на Божик 1971, кога Де Палма оставил сценарио за неговиот филм „Сестрите и фантомот од Рајот“ под елката токму за неа. Во филмот, кој денес е познат по скратениот наслов „Сестри“, таа игра сестра-близначка на манекенка, обвинета за брутално убиство. По овој филм станала интересна, особено за комични улоги, но на речиси сите филмови и серии во кои глумела во тој период денес никој не се сеќава. Самата за себе велела дека е „најголемата курва во маало“ затоа што прифаќала секакви улоги, а сосема отворено коментирала и околу квалитетот на филмовите, нарекувајќи некои од нив „чисто срање“.
Април 1977, помалку од еден месец од почетокот на снимањето, режисерот Ричард Донер се уште ја немал одбрано Луис Лејн, девојката на Супермен. Кристофер Рив, кој требало да ја игра главната улога, се сетил на Марго како партнерка на Роберт Редфорд во „Големиот Валдо Пепер“ и ја предложил. Дошла на аудиција со каубојски шешир и чизми. Влегла во канцеларијата на Донер како нозете да и стоеле раширени околу буре со недели.
Како што раскажува во долго интервју за Ролинг Стоун од 1981, до февруари 1979 нејзиното лице било на насловната на речиси сите таблоиди во светот, и таа го остварила она што го сакала - станала добро платена холивудска ѕвезда. Но наскоро она по што ќе ја има во списанијата нема да бидат добро одиграните улоги туку зависностите, славните дечковци (меѓу кои и поранешниот канадски премиер Пјер Трудо), епизодите на бизарно однесување и сообраќајката која делумно ја парализирала во 1990 и после која целосно банкротирала.
Била дијагностицирана со биполарно нарушување во 1988, но сомничава кон лекари таа воопшто не сакала да прифати каков и да е третман. Во 1996 кога некаков компјутерски вирус случајно го избришал мемоарот на кого работела со години, целосно откачила. Почнала да развива теорија дека нејзиниот прв маж, писателот Томас МекГуан и ЦИА се обидуваат да ја убијат, затоа што нејзината книга била доволно моќна да го промени светот. И не само тие, туку целиот свет одеднаш бил полн со агенти и убијци. Во инцидент од 1996 кој траел неколку денови, таа едноставно исчезнала - спиела во дворови и по туѓи тремови, а во еден момент ја „посвоил“ некој бездомник по име Чарли, кој и дал засолниште во неговата „куќа“ од картон. Во меѓувреме, нејзиното семејство, меѓу кои и единствената ќерка Меги, постојано ја барале. Откако ја пријавила жена во чиј двор била најдена, измрцварена и со исечена коса речиси до корен, била хоспитализирана, за потоа конечно да си признае дека има потреба од помош.
Ваков инцидент, со помош на тн. „ортомолекуларна психијатрија“ - форма на алтернативна медицина која се обидува да лечи ментални болести главно преку менување на начинот на исхрана - веќе не се повторил. Но исто така веќе не се повторил и успехот со улога како онаа на Луис Лејн. При крајот на животот Кидер била посветена на политички активизам - протестирала против воените интервенции на САД во Ирак, а учествувала во кампањата за Берни Сандерс.