Љубовна преписка помеѓу некогашни затвореници која траела 60 години

И двајцата биле жртви на советскиот Гулаг. Владимир бил осуден на 10 години тешка физичка работа, а Ивана се водела како затвореник број 108. Никогаш не се сретнале, но на нивното допишување таа се сеќава и денес, на 93 години.

Во 1953, Ивана Машчак била затворена во сибирски работен камп, во кој служела 10-годишна робија. Имала 28 години, била висока и многу гладна. Чевлите ѝ биле распаднати и мокри од снегот, на температура од минус 50. Едно утро, додека чуварите ја придружувале неа и уште неколку нејзини со-затворенички до местата каде требало да ја започнат својата напорна дневна работа, пред нозете им долетало згужвано парче хартија, фрлено од камион кој превезувал мажи-затвореници. Една од жените го собрала пред чуварот да го забележи, а подоцна сите заедно го отвориле. Било од затвореник кој молел некој да му одговори и барем за миг да го отргне од очајот. Трогната, Ивана одлучила да му пише. Конечно и таа, по петгодишна робија, била желна за човечки контакт.

Денес, на 93 години, таа живее во Лондон на трет спрат во зграда без лифт, подвижна и луцидна. Родена во Украина, била одделена од семејството едно јануарско утро во 1948, додека мајка ѝ, наставничка, правела супа од цвекло за ручек. Ивана била член на украинска младинска организација, а брат ѝ на украинското подземје. Таткото пак бил свештеник, што ја правело ситуацијата уште полоша. Дури и по предавањето на нацистичка Германија во мај 1945, граѓанската војна во Украина и источна Полска продолжила. Ивана била една од илјадниците етнички Украинки испратени во Сибир откако била обвинета за помагање на бунтот против комунистите.

Ја осудиле на 10 години во Сталиновите работни кампови. Била селена од еден во друг, пред таа и уште 700 други затвореници да бидат ставени на брод и испратени во Колима, субарктички регион во Сибир. Им биле дадени ист број чевли и тенка облека, а ноќе спиеле на дрвени штици во бараки без греење.

И така пет години, до моментот кога стутканото ливче паднало пред нозете на Ивана. Името на затвореникот било Владимир, бил на иста возраст како и таа, и исто така служел 10 години. Откако се распрашала во кој дел од гулагот се наоѓа, со помош на сочувствителни градежни работници кои се согласиле да ги пренесуваат пораките, успеала да му испрати неколку писма. Денес ги чува во дрвена кутија, а во нив има и љубовни зборови, но и филозофски пасуси за идејата за слободата и среќата. „Еден ден овој казнен систем ќе биде признаен како голема политичка грешка“, пишува во едно од нив.

Ивана почнала да чувствува длабока врска со овој човек, кој бил подготвен да сподели но и да сослуша, барем преку пишуваниот збор. На тој начин полесно се издржувале сите напори кои направиле Ивана да стане уште послаба од 35-те килограми колку што имала кога била уапсена. „Не бев физички силна, но бев тврдоглава. Си повторував дека морам да опстанам“, вели таа.

Допишување помеѓу затворениците било строго забрането, а во целата тајност се случувало некои писма да исчезнат или пак да доцнат. Двајцата почнале да планираат и физичка средба, во моментот кога ќе бидат ослободени.

Ивана конечно дошла дома во август 1955, скоро осум години откако била осудена. Смртта на Сталин во 1953 делумно помогнала, како и тоа што затворениците почнале да се бунтуваат. Долго време не знаела како да живее како слободен човек и сè ѝ изгледало чудно - обични работи како одење до продавница или јадење јаболко. Владимир се уште бил во затвор, но тие останале во контакт. Кога и тој стигнал дома, ѝ пишал дека е здрав и жив. Но наскоро и тоа дека под притисок на татко му се оженил со поранешна соученичка.

Ова не ја поколебало Ивана да ја одржува нивната нескршлива врска: пакт помеѓу двајца кои го преживеале заедно најлошото. По неколку години и Ивана се омажила, и тоа за Украинец кого го запознала кога отишла на гости во Британија и кој се викал - Володимир. „Бевме среќни 47 години“, вели таа, нагласувајќи дека сопругот, кој починал во 2002, не правел проблем зошто таа се допишува со некој непознат маж. Но затоа пак сопругата на Владимир имала против - откако почнале да си разменуваат и фотографии, Ивана одеднаш добила грубо писмо од неа со барање преписките веднаш да сопрат. Од тогаш веќе не слушнала ни збор од него, ниту пак сакала да му прави понатамошни проблеми.

Сепак, пред три години Ивана решила дека е време да го побара. Го гуглала Владимир и ја пронашла неговата веб-страница. Изгледал постар, со побелена коса, но веднаш го препознала од фотографиите кои претходно ѝ ги испраќал. За жал го пронашла предоцна - на страницата пишувало дека неодамна починал. Иако никогаш не се сретнале, таа сепак го памти како најблизок човек кого го имала.

извор

10 септември 2019 - 16:48