
Есента 1983 година, внимателно избрани личности добиле по пошта тенка, црвена книшка со сонети, кои биле напишани речиси 50 години претходно од најпознатиот шпански поет на 20 век – Федерико Гарсија Лорка. Станува збор за неговите длабоко хомоеротски и страдалнички „Сонети на темната љубов“, кои биле криени од неговото семејство и објавени анонимно, со порака: „Ова прво издание е во сеќавање на страста на човекот што ги напиша.“
Тие песни биле завршени пред самото убиство на Лорка, во првите денови од Шпанската граѓанска војна и долго време биле чувани во тајност – семејството се плашело дека нивната отворена хомоеротика ќе му ја наруши репутацијата на поетот и ќе отвори стари рани.
Иако веќе биле преведени на француски, оригиналите на шпански не биле достапни за пошироката јавност. Тогаш, анонимна група интелектуалци дошла до нив, ги отпечатила во вид на „црвена книшка“ и ги испратила на 250 луѓе – експерти за Лорка, новинари, културни дејци – со цел да изнуди официјално објавување.
Сега, 42 години по таа тајна акција, издавачка куќа од Галиција го издаде прецизниот факсимил на тоа прво издание, верно пресоздаден во дизајн, текстура и хартија. Идејата дошла откако издавачот Енрике Алварељос добил примерок од оригиналот – денес редок и скап (вреден околу 5.000 евра).
Алварељос вели дека Лоркините најблиски се плашеле од повторно разбудување на духовите од минатото, во време кога Шпанија се менувала по Франковата диктатура, но сè уште била оптоварена со длабоки табуа и предрасуди.
Сонетите изобилуваат со силни, понекогаш брутални метафори за страст, копнеж и болка: пиење пролеана крв од медно бедро, кинење на кожа, битка на каснувања. Во нив е присутна и интимноста, и болката на неостварената љубов, како и стремежот за изразување на она што не смеело да биде кажано.
Поетите и пријатели на Лорка, како Пабло Неруда и Висенте Александре, сведочеле за убавината и емоционалната сила на овие стихови. Биографот Иан Гибсон забележува дека иако зборот „хомосексуалец“ не бил спомнат во медиумите, јазикот на самите песни го прави тоа јасно – тоа е љубовта „што не се осмелува да го каже своето име“.