Да започнеш кариера како писател (во светот) не е лесна работа. За Челси Бенинг нештата изгледале добро откако ја објавила својата прва книга, романот „За круните и легендите“, историска фантазија која се случува на дворот на легендарниот крал Артур. Закажала промоција, го испромовирала настанот и 37 луѓе кликнале дека ќе присуствуваат. Ама, од нив се појавиле само двајца.
Откако таа на Твитер го сподели искуството кое го нарече „вознемирувачко“, почнаа да пристигнуваат пораки на утеха и поддршка.
„На моето прво потпишување на книгата Салемс Лот (хорор роман од 1975) имав само еден посетител. Дебело дете кое рече ’Еј, брат, знаеш кај стојат нацистички книги?’“, ѝ напиша Стивен Кинг.
„Добредојде во клубот. На една промоција не ми дојде никој, освен дечко кој сакаше да купи селотејп и мислеше дека јас сум продавачката“, се јави и Маргарет Атвуд.
„Тери Прачет и јас бевме на потпишување книги на Менхетен за Гуд Оменс на кое не дојде асполутно никој. Значи водиш за двајца.“ - се надоврза Нил Гејман.
Ним им се придружија и куп други помалку познати автори со свои приказни, дека на нивните промоции и читања дошол само братучед на сопругот или дека вработените во книжарницата се преправале дека се гости само за да му олеснат на авторот. Најсмешното е кога на фестивал на криминалистички романи на промоција се појавил само еден човек, со кого авторот си направил долг муабет и на крај му се заблагодарил што дошол. „Јас требаше да бидам промоторот“, му рекол овој.
Според изјавите на Банинг, таа била длабоко трогната од реакциите, кои довеле до нарачки на 500 копии онлајн и до тоа книгата да се искачи повисоко на топ листата на Амазон. Не е секогаш глупаво човек да се пожали онлајн - покрај сиот сеир може ќе доживее и ваква солидарност.