Стефани Ширли, родена како Вера Бухтал во 1933 година во Дортмунд, потекнувала од еврејско семејство. Нејзиниот татко бил судија и верувал дека неговата позиција ќе ги заштити, но со засилувањето на нацистичкиот прогон, семејството било принудено да избега во Виена. Кога ситуацијата станала уште поопасна, таа, како и илјадници други деца, била испратена во Велика Британија преку Kindertransport - спасувачка мисија што им овозможила на околу 10.000 деца да избегнат сигурна опасност. Имала само пет години.
Во Британија израснала во згрижувачко семејство, а траумата од детството подоцна ја претворила во силна мотивација да постигне нешто значајно. Кариерата ја започнала како службеник, но вистинскиот пресврт дошол во 1962 година кога основала софтверска компанија — нешто речиси незамисливо за жена во тоа време. Компанијата, првично наречена Фриленс програмерс, била револуционерна бидејќи вработувала исклучиво жени и нудела флексибилни услови за работа, особено за мајки. Од првите 300 вработени, дури 297 биле жени, oд кои десетина станале милионерки.
Компанијата наишла на два проблема. Првиот од сегашна перспектива бил очигледен - потенцијалните купувачи не знаеле речиси ништо за компјутери, хардвер, софтвер, односно не знаеле дека тоа им треба и дека допрва ќе станува неопходно. Но вториот проблем бил поголем. Дури и оние кои биле свесни не сакале да купуваат вакви технолошки производи од жени, немајќи доверба во нивните компетенции.
На шега, мажот на Стефани во еден момент и' рекол дека ако сака да и' одговорат на писмата треба да се потпишува како „Стив“. И навистина, ова помогнало, а кога на првата средба таа ќе се појавела (во бунда, бидејќи мислела дека тоа остава впечаток), клиентите првично биле изненадени но потоа и убедени во квалитетот на нејзините производи. Компанијата во текот на следните три децении прераснала во голема корпорација и ѝ донела значително богатство, а во еден момент, кога во Британија бил донесен Закон за еднакви можности, морала да вработи и - мажи.
Кога на 35 години починал нејзиниот единствен, аутистичен син, таа решила да го донира своето богатство. Особено силно била посветена на поддршката на лица со аутизам. Преку фондацијата што ја основала, финансирала бројни проекти, вклучувајќи центри за поддршка и специјализирани училишта. Дополнително, таа била одликувана со титулата „дама“ за својот придонес кон технологијата и филантропијата, а често се споменува како една од првите личности што го вовеле концептот на флексибилна и далечинска работа — модел кој денес е глобално прифатен. Во подоцнежните години, отворено зборувала и за своето искуство како преживеана од Холокаустот, нагласувајќи ја важноста на сеќавањето и хуманоста. Почина во 2025 година, до крајот на животот нарекувајќи се „Стив“.
извор