„Деветмината од Литл Рок“ ја раскажува приказната на група црни ученици кои сакале да се запишат во централната гимназија во Литл Рок во 1957. Школото тогаш било исклучиво за белци, па тогашниот гувернер на Арканзас, Орвал Фабиус, им го забранил влезот во него. Протестите против нивното запишување се познати како „кризата во Литл Рок“, но завршиле со интервенција на тогашниот претседател Двајт Ајзенхауер, кој го десегрегирал школото и отворил пат и за други Афро-американци да се запишуваат во него.
Преку нарацијата на Џеферсон Томас, еден од деветмината ученици, документарецот ги следи настаните поврзани со овој нивен потфат, но и понатамошните животи на главните ликови, кои подоцна дипломирале новинарство, социологија и педагогија.
Зошто една ваква тема била интересна за владата на САД, која практично се појавува како продуцент на филмот? Тој бил и не така скриена пропаганда, дека Америка е посветена на заштитата на правата на поединците и на примената на законите, а дека федералната власт особено е загрижена за малцинствата. Сето ова се случува среде Студената војна, кога за САД било особено важно да се прикажат како бастион на слободата и расната хармонија.
„Деветмината од Литл Рок“ бил само еден од многуте вакви пропагандни филмови создадени од спомнатата Агенција, но токму овој, откако добил Оскар, станал нејзиниот најзначаен производ. По добивањето на признанието од Академијата се направени 17 различни преводи, и филмот е прикажан во скоро 100 земји.
Во 2015, на 50-годишнината од добивањето на Оскарот, Националната архива на САД направила дигитална реставрација на филмот. Еве го целиот во таквата верзија (18 минути):