Во неодамнешна епизода на хрватскиот квиз „Кој сака да биде милионер“ беше поставено следното прашање: „Кои од овие уметници потпишал 350.000 празни листови и потоа ги продал?“. Помеѓу понудените одговори - Ворхол, Пикасо, Маљевич и Дали.
За оние кои не го знаат одговорот, првата логична помисла е - кој од овие бил најмногу бизнис ориентиран, а истовремено и доволно ексцентричен за да му падне ваква идеја на памет? Затоа што потпишувањето на толку голем број празни листови ширум ја отвора вратата за фалсификати, и оттаму за намалување на цената на постоечките оригинали.
Идејата за ваквиот потег била на асистентите на Дали, Џон Питер Мур и Енрике Сабатер. За процесот на произведување графика да биде поефикасен, тие му предложиле да ги исцрта своите идеи на метална плоча, а потоа да ги печатат во повеќе примероци, при што тоа „повеќе“ било навистина многу. За да го убрзаат процесот, Дали требало да потпише празни парчиња хартија, на кои потоа биле нанесувани графиките.
Но откако еднаш тргнал, процесот тешко се контролирал. Помеѓу 1976 и 1977 Дали попишал над 17.000 празни листови. Како што се ширеле гласините за ова, така почнале да се појавуваат и фалсификувани потписи. Ова продолжило цели 10 години, кога Мур соопштил дека Дали има потпишано „само“ 350.000 вакви листови за сите тие години, и дека е едноставно невозможно низ светот да кружат повеќе.
Како успевал Дали да потпише толку многу хартии? Еден асистент му ги ставал литографските листови на маса, додека другиот со прецизни движења го тргал на страна потпишаното. Така можело да се потишат 1800 страници за само еден час. Дали дури и тајно потпишувал дополнително количество, за да одбегне да им плати на своите асистенти процент од секој продаден лист.
Но и тие не биле цвеќиња за мирисање. Во период кога Дали паднал болен и не можел да седи и да потпишува, асистентите одлучиле да удираат печат со неговиот отпечаток од прст. Така го потпишал дури и договорот со најголемиот трговец со графики во Париз, Жибер Хамон во 1980. Со ова Дали му овозможил целосна ексклузивност во употребата на литографиите и се збогатил за уште неколку стотина илјади долари.
Со ваквиот начин на работа, било прашање на време кога целиот процес ќе се сврти против своите „генијални“ креатори. Во 1985 дела со лажен потпис на Дали биле проценети на 720 милиони долари. Во 1988 четири галерии биле кривично гонети поради изложување неоригинални слики од Дали, а во 1990 во Барселона биле пронајдени илјадници „лажњаци“, подготвени за продажба. Со ова Дали сепак си го испочитувал сопственото кредо - „Важно е да шириш конфузија, не да ја елиминираш“.