
По две претходни номинации во 2003 и 2010, јужноафриканскиот писател Дејмон Гaлгaт оваа година го доби престижниот Букер за „Ветување“, семејна сага која се одвива во Преторија. Тоа е местото каде aвторот растел, и оттаму добро го познава културолошкиот контекст. Приказната е раскажана преку серија од четири погреби. Последната желба на мајката која е всушност глава на семејството е да ја подари куќата на црна жена која работела за неа целиот живот. Но децата имаат различни ставови во врска со ова прашање.
Во интервју пред соопштувањето на наградата, Галгaт изјавил дека бил инспириран да ја испроба оваа наративна структура во тек на „полупијано попладне“, кога се дружел со пријател кој цело време раскажувал анегдоти за погреби.
„Ми светна дека тоа би бил интересен начин да се пристапи кон приказна за едно семејство. Ако единственото нешто што го имате е мал увид во овие четири погреби а не на целата траекторија на семејната историја, тогаш како читател мора сами да ги пополните празнините. Како писател сум фасциниран од рабовите на мапата, нештата кои не се кажани туку се имплицирани, сугерирани“.
„Ветување“ е деветти роман на Галгaт, и прв по седумгодишна пауза. Претходно тој бил во тесна конкуренција за Букер со романите „Добриот доктор“ и „Во необичната соба“. Неговата книга од 2005 „Пленот“ (The Quarry) е адаптиран во два филма, последниот од 2020 со Мајкл Шенон, за скитник кој убива свештеник и го зазема неговото место во провинциски град.
Галгaт е трет јужноафриканец кој го добива Букерот, по Џ.М.Куци и Надин Гордимер.