На 23 април во шест попладне, откако вработените си заминале, вратите на галеријата Чисенхејл во Лондон биле заклучени, а на портата било ставено известување, дека во текот на изложбата на германската уметница Марија Ајхорн таа нема да работи. „Изложбата" е всушност самото затворање, во траење од 5 недели, 25 денови и 175 часа. За сето тоа време, значи од 24 април до 29 мај 2016, вработените ќе бидат на платен одмор, спонзориран од самата авторка.
Отварањето пред официјалното затворање/отварање се состоело во симпозиум на кој учесниците ги дискутирале современите услови за работа во областа на уметноста, вреднувањето на уметничкиот труд и колку затворањето на ваквите институции, макар и привремено, воопшто прави некаква разлика.
Во текот на изложбата по барање на авторката галеријата не треба да се користи за други цели, ниту да се издава, ниту пак бесплатно да се отстапува за непрофитни активности. Целта е да се постигне рез, пауза, работите да се прекинат за да можат да се согледаат поинаку отколку додека се во тек.
Критичарите велат дека кваите не-шоуа се празни, нихилистички и вознемирувачки. Но поддржувачите велат дека ова е истовремено и институционална критика - начин на третирање на самата институција како објект на делото, како и промовирање на слободното време како нужен услов за создавање и уживање во уметноста.
Ваквиот уметнички чин на затворање на галерии има и претходна историја. Во 1969 концептуалниот уметник Рoберт Бери оставил соопштение на вратата на галерија во Амстердам, велејќи им на посетителите дека таа ќе биде затворена во текот на неговата изложба, и тоа откако испратил покани за неа, како и за исти такви „изложби" во Турин и во Лос Анѓелес. Шпанскиот уметник Сантијаго Сера го затворил влезот за неговото шоу во една лисабонска галерија во 2002 со барикади од метал, а за официјалната изложба во шпанскиот павиљон за време на Венецијанското биенале во 2003 ставил и чувари на влезот, кој бил отворен само за луѓе со шпански пасош. Тие пак кога ќе влегле внатре затекнувале само ѓубре од претходното биенале.