Барби и нејзиното 12-палачно црево

Играчки со анатомска поента

Уметникот Џејсон Фрини (Jason Freeny) ја открива анатомската градба на омилените ликови на децата - Марио, Мики, Барби, Кити. Разликата во детските реакции на нив и оние на возрасните кажува нешто за нашиот однос кон сопствените крв и месо.

Додека родителите кога прв пат ќе ги видат овие скулптури се благо вознемирени, нивните деца се фасцинирани. „Верувам дека уплашеноста од внатрешната анатомија е нешто кое се учи. Општеството им го пренесува тоа чувство на децата, а не е нешто со кое тие се раѓаат", вели њујоршкиот уметник, кој комерцијално ги произведува овие модели во последниве седум години.

Негов предизвик е разбивање на ова табу, но и работа на органски форми, заради нивните сложени детали. Тој до сега има работено на ликови од видео игри, филмови и реклами на брендови. Секоја скулптура ја почнува со купување на висококвалитетна играчка, потоа сече дел од неа, и користејќи само глина рачно ги ваја коските и внатрешните органи, бојадисувајќи ги во нешто што треба да изгледа како нивна реалистична боја. Најтешкиот дел е да се постигне соодветна пропорција на органите на некој лик, како и да не се забега вон научното. Но тоа понекогаш е тешко, како во примерот на Мики Маус - тој е глушец, но оди исправено, како човек. Така неговото тело е некаква верзија на човечки скелет, но прилагоден на неговиот лик.

Пофалби за работата на Фрини често доаѓаат и од самите производители на оригиналните играчки, иако некои од нив и не се покажале толку великодушни, па судски барале тој да престане да ги извитоперува нивните ликови.

И навистина, вакви какви што се, со сето свое „утробие" (што би рекла една наша пријателка) на ачик, тие изгледаат по малку гротескно. Но токму тоа е добар потсетник за она што лежи и под нашата површина.

 

 

 

16 јануари 2014 - 16:56