Повторно е 2.2.

„Го гледав Денот на мрмотот цела година, секој ден. Еве што научив.“

Адам Даниел од сајтот „Конверзејшн“, во текот на пандемијата решил да направи експеримент: да го гледа „Денот на мрмотот“ секој ден, во тек на 365 дена. Таквото повторливо втопување во едно исто дело му отворило нови хоризонти. 

пишува: Адам Даниел

„Што би сториле доколку би биле заглавени во едно место и секој ден би бил сосема ист, без оглед што ќе направите?“

Ова се прашува метерологот Фил Конорс, кого го игра Бил Мареј во антологискиот филм од 1993, „Денот на мрмотот“.  На 2 февруари, додека известува за телевизиски канал од Фестивалот на мрмотот во малото гратче во Пенсилванија, Панксатони, Фил е заробен во временски вртлог, каде секојдневно будејќи се со истиот звук - аларм од радиото.

Во 2021 се борев со истото прашање. Во текот на карантините бев фрустриран, ми беше здодевно и како целиот живот да беше ставен на „пауза“. Но ваквите околности создадоа можност да се подвргнам на необичен предизвик: да го гледам истиот филм еднаш дневно, секој ден, цела година.

Како истражувач и филмофил, сакав да откријам колку ваквиот начин на гледање ќе влијае врз доживувањето на филмот и што би можело да се извлече од едно вакво искуство. „Денот на мрмотот“ беше кандидат кој природно се наметна.

Еден понеделник наутро во септември 2021, седнав на троседот и кликнав „плеј“.

Во текот на првиот месец, фокусот ми беше на наративот. Како и голем број гледачи, се прашував колку долго Фил бил заглавен во лупот (мојата претпоставка е 30 години, што е помеѓу 10-те години кои се нудат од страна на режисерот Харолд Рамис и 10.000-те години во оригиналното сценарио на Дени Рубин).

Го доведов во сомнение кредибилитетот на Рита (Енди МекДауел) која се заљубува во Фил откако го познава само еден ден. Се прашував колку Мареј импровизирал во улогата (според зборовите на Рубин тој додал „малку зачин“, но генерално помалку отколку што се претпоставува).

Постепено, како што се запознавав со приказната, фокусот почна да ми се менува. Сега ми интересираа детали кои просечниот гледач можеби ги пропуштил. Почнав да забележувам повторливи појавувања на некои од статистите од сцена во сцена, градејќи сопствен наратив околу нивните идентитети. Сфатив дека момчето во инвалидската количка во позадината на сцената во болницата е истото дете кое Фил понатаму секојдневно ќе го спасува од тоа да си ја крши ногата.

Конзумирав екстра материјал за филмот - сценариото и коментарите на Рубин, деталната монографија на филмскиот критичар Рајан Гилби. Среде процесот се префрлив во модул на каталогизирање и меморизација. Низ главата ми минуваа прогнозите на Фил, и си имав направено ментална мапа од Панксатони до степен до кој можев да бидам тамошен туристички водич. Почнав да му зборувам на филмот додека го гледав.

Некои денови го доживував како клетва. Но кога Рита ја открива дилемата на Фил, таа вели: „Можеби не е клетва. Можеби зависи од тоа како гледаш на работите“. 

Мојата промена на перспективата се случи во финалните три месеци. Се вратив на истражувачкиот начин на гледање, охрабрен од споделувањето и дискутирањето теории со други фанови на филмот, кои сепак не беа доволно луди да го гледаат стотици пати. 

Почнаа да искрснуваат нови теории. Одлучив дека шанкерот во хотелот е свесен за она што му се случува на Фил (со оглед како значајно го гледа и колку брзо им ги послужува омилените пијалоци), и дека еден од жителите на гратчето очигледно има тајна врска, бидејќи на просавата на Денот на мрмотот е со жена му а на банкетот со љубовницата. 

Не сум прв кој нуди алтернативно читање на филмот, но при крајот на мојот проект сфатив дека еден филм може да нè трансформира, откривајќи ни различни нивоа после секое гледање. 

Во последниве години голем број истражувачи се имаат занимавано со практиката на повторливото гледање, особено по појавата на технологиите кои обезбедуваат флексибилност за тоа каде и кога да се гледа. Филмската теоретичарка Барбара Клингер сугерира дека веќе гледаните филмови имаат капацитет да станат наши „пријатели“ и го има воведено терминот „караоке синема“ за да ја опише радоста од длабокото познавање и цитатност, велејќи дека ова искуство на публиката ѝ овозможува истовремено искуство на утеха и владеење на материјалот.

Моето искуство секако го потврдува ова. Гледањето на „Денот на мрмотот“ ми обезбеди подлабок увид и ценење на тоа како еден филм може да содржи мноштво елементи - особено оние за кои избираме дека сакаме да ги ре-искусиме. Слично на него, таков наратив на „временски луп“ нудат и „Палм Спрингс“, „Руска кукла“ и „Среќен ден на смртта“. 

Едногодишното гледање го завршив со проекција на голем екран. Го прославив моментот, знаејќи дека ќе помине доста време пред повторно да му се навратам на филмот. Но утешно е тоа што знам дека ќе биде тука кога ќе бидам подготвен, како стар пријател кај кого сум добредојден. 

извор

Бонус: Домашните Фил-овци

2 февруари 2023 - 09:52