Букбокс гледанка: „Торта за претседателот“ (Ирак, 2026)

Има нешто во блискоисточните филмови (Ирак, Иран), барем во оние кои стигнуваат до нас, кое прави однапред да знаете дека ќе ве потресе. Но не на некој сеизмичен начин, туку тивко, со сцени во кои е доволно да има само две деца со големи очи и еден петел.

Дебитантскиот филм на ирачкиот режисер Хасан Хади е топол и нежен, иако зборува за тешки услови - Ирак во раните 1990-ти години, за време на Садам Хусеин и економските санкции од Запад.

Деветгодишната Ламија, поради причини кои не се објаснети, живее сама со својата изнемоштена баба, во „куќа“ направена од слама, на скеле, среде мочуриште. Понекогаш за ручек има само едно јаболко, но и тоа може да биде конфискувано (и изедено) од локалниот учител. Никој во Ирак, освен војската и политичарите, не се во добра ситуација, но „селаните“, како што ги нарекуваат во не така блискиот град, се посебно на удар, со „подарок“ од Водачот во форма на дури 1 кофа со чиста вода од цистерна, по повод неговиот роденден.

Во одделението на Ламија почнуваат подготовките за одбележување на овој празник, со ждрепка која ќе одлучи кој од класот ќе донесе сок, кој овошје, а кој ќе ја има најголемата чест - да направи торта за Садам. Дека ова е всушност казна покажува тоа што соученикот Саид, чиј татко е инвалид и просјак (а со синот и џепчија на локалните панаѓури), поради доцнење на конкретниот ден мора своето име да го напише не на едно, туку на пет ливчиња за ждрепката. Така, тој станува „среќникот“ кој треба да обезбеди овошје. А Ламија онаа која ќе ја прави тортата. 

Од тука натаму знаеме дека патот ќе биде долг, исто како и списокот на потребните продукти. 5 јајца, шеќер, прашок за пециво и брашно (па уште да имало повеќе крем за учителот!), звучат како Светиот грал. Ламија и баба ѝ тргнуваат пешки кон градот, носејќи го со себе и домашниот петел Хинди (често кукурика „ничим изазван“, па актерите го импровизираат дијалогот вметнувајќи го како добар или лош знак неговото ку-ку-рику). По некое време станува јасно дека патувањето не е за да се купат состојките за тортата, туку за Ламија да биде дадена на посвојување (на слугување?) кај побогато семејство, затоа што бабата насетува дека ѝ се ближи крајот. Кога го сфаќа тоа, Ламија бега, и со Саид, како во класична бајка, се бори со редица антагонисти дур стигне до „богатството“ - петте јајца, шеќерот и брашното. 

На тој пат хуманоста и човечноста се ретки, а трагедијата на војната е отелотворена не само во немаштијата и звукот на бомбардерите кои повремено профучуваат, туку и на „мали“ приказни. Една антологиска се случува во свадбарски украсен автомобил кој ги зема Ламија и баба ѝ кога стопираат накај градот. Родителите на младоженецот кој служи војска договориле брак без тој да ја види невестата. На ден пред свадбата близу до него експлодира граната и тој е сега слеп, целиот во завои. „Добро, бар нема да се секирам ако е грда“, вели тој. 

Вистинската торта за 50-тиот роденден на Садам според документарни снимки е висока колку соба, а „Хепи брдеј“ се изведува од оркестар од традиционални ирачки инструменти. Тортата на Ламија, иако е со скапоцениот шеќер, има горчлив вкус. Филмот сепак успева да ја одржи надежта - дека овие деца ќе пораснат во добри луѓе.

Илина, Букбокс

2 мај 2026 - 11:47