Кевин Картер, Грег Маринович, Кен Остербрек и Жоао Силва се млади и амбициозни јужноафрикански фотографи кои ги регистрираат крвавите судири во нивната земја на почетокот на 1990-тите, пред првите демократски избори и завршувањето на апартхејдот. Главни актери во конфликтот се Африканскиот национален конгрес (партијата на Мандела, самиот од племето Хоса) и Партијата на слободата Инканта (главно сочинета од припадници на племето Зулу), кои на улиците се борат со импровизирани оружја, мачети, камења и голи раце. Но филмот не се задржува на контекстот, кој може да биде и кој и да е друг завојуван регион. Фокусот е ставен на фотографите, чии секојдневни работни задачи се состојат од регистрирање на туѓото страдање, притоа повеќе размислувајќи за отворот на блендата и дали во кадарот има нечија сенка, отколку за судбината на фотографираните.
Името „Бенг бенг клуб“ има врска со начинот на кој тие го доживуваат крвавиот конфликт - како белци и новинари тие се (релативно) заштитени од тоа да бидат директно таргетирани, додека самите, преку фотографскиот објектив, „пукаат“ кон оние од другата страна.
Филмот почнува со придружувањето на Грег Маринович на неформалната група која работи за весникот The Johanesburg Sun, но чии фотографии, со оглед на актуелноста на јужно-африканскот конфликт, се појавуваат и на насловните на светските медиуми. Фокусот на Маринович (кој патем по потекло е од Корчула, Хрватска) е ставен веројатно затоа што филмот е всушност адаптација на книгата која тој и Силва ја имаат напишано заеднички: „Клубот Бенг-бенг: снимки од една скриена војна“. Ова е штета, затоа што вистински симбол на она што се случува со психата на воените репортери, растргнати помеѓу обидот да се регистрира насилството и да се задржи човечноста, е всушност приказната на Кевин Картер. Тој е втор во групата, по Маринович, кој добива Пулицер за својата славна фотографија на дете демнето од мршојадец, сликана во 1993 во Судан. Продадена на Њујорк Тајмс, таа го обиколи светот, но предизвика и остри реакции за тоа што веднаш по сликањето Картер се качил на мал авион на ОН и го напуштил местото, без воопшто да се заинтересира за субината на детето.
Во 1994 Картер се самоубил со задушување. Во последната порака наведува дека има големи долгови, но и дека пред очи постојано му доаѓаат слики на трупови и на убијци. „Одам да му се придружам на Кен, ако имам среќа“, напишал тој, мислејќи на својот колега Кен Остербрек од „клубот“, кој бил случајно застрелан во претходна престрелка близу Јоханесбург, кога е ранет и Маринович. Во 2010 и Силва страда откако нагазува на мина во Авганистан, при што ги губи двете нозе.
Филмот наиде на критики од страна на колеги и пријатели на спомнатите фотографи, но и од страна на репортерската фела воопшто. Самиот Маринович се оградил од филмот велејќи дека не се препознава во својот филмски лик. Масовните сцени на насилство се впечатливи, но изостанува подлабоко портретирање на секој од ликовите на фотографите, кои на овој начин се речиси идентични - водени од адреналинскиот „хај“ и желбата за слава и пари, минувајќи го остатокот од времето во журки, алкохол и секс, небаре поп-музички ѕвезди. Можеби е подобро наместо овој филм да се погледне краткиот документарец „Смртта на Кевин Картер“ од 2004, кој беше номиниран за Оскар.
Илина, Букбокс