Френклин понекогаш имал навистина бизарни идеи. Како онаа дека мисирката е посоодветен национален симбол од орелот, за кого мислел дека е „птица со лош морален карактер". И оваа со азбуката од денешна перспектива делува малку откачено, иако да била прифатена на времето сега би ни било сосема нормално буквите кои ги предложил да ги гледаме на нашите компјутерски тастатури.
Френклин ја создал својата фонетска азбука во 1768, но со оглед на тоа што стандардните печатници не располагале со новопредложените фонтови, азбуката во нејзината изворна форма не била видена до моментот кога авторот самиот не ги нарачал, па во 1779 ја објавил во збирката есеи „Политички, разни и филозофски дела".
Според него, оваа фонетска азбука имала „поприроден ред" од постоечкиот систем. Реформираниот начин на спелување го објаснил преку таблица која дефинира азбучни приоритети според звукот и вокалниот напор потребен тој да се произведе. Тој ги поделил звуците на „такви формирани од здивот, со никаква или малку помош од јазикот, забите и усните, и такви произведени главно во душникот.“
За да ја произведе според него совршената азбука тој отстранил шест букви од постоечката - C, J. Q, W, X и Y, за кои сметал дека се непотребни или збунувачки. „Тврдите" и „меките" звуци на C, на пример, според него можеле лесно да бидат заменети од К и S. Но за да не испадне дека само брише, тој и вклучил шест нови букви: таква која претставува „меко О" - звук како во ball (топка), една која ги заменува сите "sh" како во ship или function, еден звук за "ng", две замени за "th", и буква која заменува "um" и "un" комбинации.
Прв пат практично тој ја искористил новата азбука во писмо до Пoли Стивенсон од 1768, и тоа и покрај промените е прилично читливо.
Основен мотив на Френклин бил комплицираниот спелинг, кого Американците на овој начин можеле да го упростат. Приоритети му биле логиката и едноставноста, но биографот на Френклин, Волтер Ајсаксон, ова го толкува и како негова страст за социјален напредок, доведена до екстреми.
Во деновите по Американската револуција, градењето на националниот јазик изгледало како природен развој на една земја. Сепак, предлогот на Френклин не наишол на поддршка, дури и кај најблиските. Критичарите ги исмевале неговите напори и велеле дека го расипува јазикот. Но тој веројатно поаѓал од истите ставови како и со мисирката - дека една храбра и оригинална промена ѝ е потребна на земја која се претставува како таква. Фонетската азбука исто така требала да биде и рефлексија на карактерот на нејзините жители - прагматичен, ефикасен и егалитарен.