„Деноноќниот циркус“ (Circus Days and Nights) е копродукција помеѓу Операта во Малме и циркусот Циркор, а претставата е на репертоарот до 13 јуни и може да се следи со купување билет и онлајн.
Жонглери, магионичари, акробати, голтачи на оган, кротители на животни, сите овие циркуски ликови во најновото дело на Филип Глас стануваат истовремено и протагонисти во опера, со што се преминува границата помеѓу овие две уметности како вообичаено одделени. Ваквата мешавина е инспирирана, меѓу другото, од поетот Роберт Лакс (1915-2000), долгогодишен сатиричар, новинар (пишувал и за Њујоркер), професор по книжевност, кој на свои педесетина години нашол мир на грчкиот остров Патмос. Во неговата бурна младост работел сè и сешто, меѓу другото и како кловн во циркус во Канада. Ова искуство го инспирирало за збирката „Циркусот на сонцето“ во која Создавањeто на светот метафорично е споредувано со циркуска претстава.
Музиката во операта е на Глас, а уметничката директорка на циркусот Циркор, Тилде Бјорфорш (заедно со Дејвид Хенри Хванг) е авторка на либретото заснована на поезијата на Лакс, како и режисерка на претставата. Главна нарација е присеќавањето на Лакс за својот живот со циркуската трупа на семејството Кристијани, одбрани слики од нивните настапи и начинот на живот на патувачките циркуски уметници. Нема симфониски оркестар туку помали камерни ансамбли во кои доминираат хармониката, виолончелото, виолината, кларинетот, трубата, бас-тромбонот и ударалките.
И еден куриозитет: со хорот на операта во Малме за оваа претстава диригира нашата Елена Митревска, која по студиите на музичката академија во Скопје завршила постидпломски студии во Виена, а сега работи како хорски диригент во Операта во Малме.