Алберт Хофман работел во фармацевтското одделение на познатите лаборатории Сандоз во Базел, каде прв пат синтетизирал ЛСД во 1938 додека се обидувал да создаде стимулант за третирање респираторни проблеми и проблеми со циркулација. Toa го сторил со изолација на соединенија кои можат да се најдат во габа која ја напаѓа ’ржта. Немал никаква идеја дека соединението има психоделични ефекти, а тие не биле очигледни ни кога ги тестирал на животни.
Пет години подоцна Хофман одлучил да се наврати на својата креација. На 16 април 1943 синтетизирал уште една серија, но овој пат случајно апсорбирал мало количество преку кожата. Веднаш почувствувал слаб психоактивен ефект, но за да биде сигурен почнал да експериментира на себе со намерно дозирање. На 19 април во 4:20 тој проголтал 250 микрограми од хемикалијата. Наскоро сфатил дека „трипот“ ќе биде интензивен, и го замолил својот асистент да му помогне да стигне до дома. Рестрикциите кои важеле тогаш, во текот на Втората светска војна, забранувале движење на возила на улиците на Базел, па тие морале да се качат на точак и така да возат 9 километри.
„Пред мене почнаа да се отвораат калеидоскопски, фантастични слики кои се движеа во кругови и спирали, експлодирајќи во обоени фонтани, мешајќи се и реаранжирајќи се“
Откако ги потврдил своите наоди Хофман станал научник-кум на психоделичните дроги, термин кој потекнува од грчкиот и претставува комбинација на „психе“ (душа) и „делос“ (јасно, манифестирано). И навистина, душата на Хофман баш се манифестирала на тоа прво халуциногено патување, искуство што подоцна го опишал во својот мемоар, „ЛСД: моето проблематично дете“.
По овој „трип“ на точак Хофман стигнал безбедно дома, без несакани ефекти, но со идеја која ќе ги промени сфаќањата за хемијата во мозокот и нејзината поврзаност со менталните болести. Се пензионирал од Сандоз во 1971, а во 1988 е основана Фондација која го носи неговото име и промовира одговорна употреба на халуциногени. Една од неговите книги, „Патот до Елевсина: откривање на тајните на мистериите“ тврди дека елевсинските мистерии, древните религиски обреди на старите Грци, всушност се одвивале под дејство на халуциногени печурки. Починал од срцев удар, на 102 години.