Мајк Рис е еден од малкумината кои континуирано работеле на Симпоснови уште од првата епизода, прикажана на 17 декември 1989 под наслов „Симпсонови печат на отворен оган“. Заедно со неговиот сценаристички партнер Ал Џин, тој е автор и на целата трета и четврта сезона, кои се сметаат за почеток на неверојатно долгиот престој на врвот на серијата. Сега тој има напишано мемоар под наслов „Доверливо од Спрингфилд. вицови, тајни и целосни лаги од еден цел живот пишување за Симпсонови“, прва книга од ваков вид од инсајдер во процесот на создавање на серијата. Таа според критиката нуди информативен, понекогаш блесав, а често и фрустрирачки поглед во една долга кариера поврзана со само една серија.
Структурата на поглавјата е слична како и онаа на секоја од епизодите, составена од четири „чинови“: поставување на дејството, компликација, разрешување и одјава. Книгата започнува со приказната како Рис ја добил работата, во време кога никој не верувал дека шоуто ќе трае повеќе од шест недели. Во моментот на премиерата, Симпсонови биле првата анимирана серија прикажана во ударен термин во една цела генерација, дело на андерграунд цртач на телевизиска мрежа која се уште била прилично нестабилна. Тогаш Рис имал 28 години и мислел дека го допрел дното со тоа што пишувал за цртан филм.
Но само за неколку недели Америка доживела Бартманија. Неговиот лик во 1990 се појавил на насловните на Тајм, Њусвик и Ролинг Стоун. Додуша заедно со успехот почнале и недоразбирањата во тимот, помеѓу креаторот Мат Гронинг и продуцентот Сем Сајмон. Тоа е тажна прикажна за судирот на креативноста и егото, но и начин да се ѕирне во процесот кој е заслужен за славата на шоуто уште од почетоците.
А тој процес бил долг и напорен, секоја епизода од сезоната била правена девет месеци, во 23 фази, од концепт до прикажување. Од „тајните“ кои ги открива Рис има такви кои се однесуваат на тоа колку се платени славните личности кои се појавуваат во шоуто (шокантно малку), и тоа дека некои одлуки за поврзаноста на ликовите кои на гледачите им изгледаат „природни“ биле донесени доцна во шоуто, на пример дека соученикот на Лиса Ралф ќе биде син на полицискиот шериф Вигам, која паднала дури во четвртата сезона.
Одговарајќи на мислењата дека шоуто веќе не е толку интересно колку што беше, Рис вели дека стандардната судбина на повеќето популарни серии е да станат „или откачени или досадни“. А тие одбрале да станат откачени. Ова можеби и не е сосема точно, но влијанието на серијата врз комедијата на 21 век е монументално, а Мајк Рис може да си дозволи да биде и необјективен од едноставна причина што го напишал.