Доделена наградата за акцијата „Раскажувам лектира“

Во јули ги повикавме основците кои и онака (би требало да) читаат лектири за време на летото, да ни раскажат една. Рокот за испраќање на текстовите беше до 1 септември. Вчера ја доделивме наградата.

Акцијата (тука) се викаше „Раскажувам лектира за награда“. А таа, наградата, беше школски прибор во вредност од 1000 денари.

Бидејќи добивме само два текста, оној од Ведрана за „Робинзон Крусо“ и од Дамјан за „Касни порасни“, решивме неа да ја поделиме. Ем да го исполниме ветувањето, ем да покажеме дека читањето не само што е убаво само по себе, туку може да биде и наградено.

И немаше да правиме од ова некоја посебна приказна, да немавме мала книжевна кнедла во грлото. Текстовите на Ведрана и Дамјан беа скоро цела недела најчитани на Букбокс. Постот во кој ја најавивме акцијата го пуштивме и спонзориран на Фејсбук. Сè заедно, проценката е дека го виделе неколку илјади луѓе.

Од тие неколку илјади луѓе - кои можеби имаат деца, кои можеби читаат лектири за време на летото, на кои ова можеби им се видело како интересна идеја - ни пишаа само двајца.

Еве, не знам.

Следната година наградата може треба да биде ваучер за чевли или кило виршли. Тогаш веројатно би имало повеќе интерес.

На Ведрана, Дамјан, и на сите ученици кои почнуваат утре со школо, и на нивните родители, нека е со лесно и успешно новата година! Ние вчера и наздравивме за тоа, со домашен сок од бозел.

2 септември 2018 - 10:13