„Ова е сезоната на пожари во Лос Анѓелес“, напишала Џоан Дидион, опишувајќи како секоја година ветриштата на Саната Ана почнуваат да фучат низ премините, а релативната влажност опаѓа до само седум или шест или три проценти, кога „бугенвилиите почнуваат да венеат крај патот а луѓето го набљудуваат хоризонтот, дали има чад, па кога го има го толкуваат како екстремна но веројатна можност - неизбежна катастрофа“.
Њујоркер го има објавено овој текст во 1989, година кога сезоната на пожари била особено рана и лоша. Но ова е само една од многуте статии за истиот феномен кои станаа вирални со оглед на страшните пожари во овој град кои се уште траат.
Таа година постарите „анѓеленоси“ се сеќавале на пожарот од Бел Ер од 1961, кој за нив бил особено жив пример за гореспомнатите ветрови. Таа година голем број куќи во оваа престижна населба, како оние на Денис Хопер, Берт Ланкастер, За За Габор и Олдос Хаксли, беа помеѓу вкупно 484-те уништени во пламените јазици (за среќа и по некое чудо тогаш немало човечки жртви).
Пожарот во Бел Ер и неговите последици можат да се видат во 26-минутниот филм „Дизајниран за катастрофа“, документарец продуциран од пожарната служба на ЛА со гласот на Вилијам Конрад.
Како што ќе слушнете, освен ветровите фактор се и кањоните, сувата вегетација и невозможноста системот на водоснабдување да излезе на крај со голема и ненадејна потреба (што се потврди и во случајот со Палисејдс). Дополнително на ова, типичната куќа во тоа време била изградена од лесно запалив покрив, накосени настрешници и огромни прозорци што дополнително ја зголемуваат шансата за влегување на искри во внатрешноста. По овој голем пожар се забранети дрвените кровови и е воведена политика на поинтензивно чистење на грмушките и другиот плевел. Но силите на природата се понекогаш поголеми од залудните обиди човекот да ги заузда.