Никогаш не би ни паднало на памет дека некој би очекувал сред жежок фиктивен секс авторот да прави мала дигресија, објаснувајќи како некој лик си става кондом, а уште помалку дека самиот автор ете така, од ќеф, би го сецнал заплетот опишувајќи еден таков детал. Па сепак, некои читатели и автори, сметаат дека не само што е политички коректно вакви сцени да постојат во еротската литература, туку дека тоа може да помогне во промовирањето на идејата дека само безбедниот секс е секси. Други пак велат дека, исто како што не почнуваме да гризаме туѓи вратови откако ќе прочитаме вампирски роман, така и ако не-дај-боже прочитаме еротска книга во која има небезбеден секс, тоа не значи дека во реалниот живот не би користеле заштита.
Писателите велат дека вметнуваат кондоми или други видови заштита кога тоа влијае врз пореалистичното доживување на сцената или на книгата. Но со тоа се промашува основниот мотив зошто некој воопшто чита (ако чита) еротска литература - не заради тоа да нè потсетува на реалноста, туку за напротив да нè оддалечи од неа, нудејќи ни повозбудлива алтернатива.
„Тоа е бегство од реалниот свет", напишала Никола Џејн, авторка на „Следи ја својата фантазија", кога добила негативни критики заради непромовирање безбеден секс во нејзиниот роман. „Во моментот кога влегувате во книгата вие несвесно додавате кондом или отстранувате болест од вашиот фиктивен свет, за да не ви се случи нешто што во вистинскиот секс знае да биде вистинска секирација".
Издавачите пак се обидуваат да докажат дека безбедниот не значи и досаден секс. Британската издавачка куќа House of Erotica неодамна издала хетеросексуална еротска антологија Play it Safe (машка и женска верзија). Описите на расказите во неа нам ич не ни се секси, ама па може не е до кондомите?
(*тука безбедно видео)