На долгиот пат кон централна Австралија, на 848 километри северно од Аделаида, на хоризонтот се појавуваат загадочни песочни пирамиди. Околу нив, во пустински пејзаж, се простира бескрајно пространство портокалов песок, со по некоја грмушка.
Ова се првите знаци на Кубер Педи, рударско гратче каде се копа опал, со население од околу 2500 луѓе. Некои од „пирамидите“ се резултат на децении ископувања, но и доказ за уште една локална специфичност - живеење под земја.
Во овој дел од светот, 60% од населението живее во домови изградени во песокот или во карпите, а единствен знак за тоа дека тука сепак има луѓе се вентилациските одводи. Во зима овој стил на живот може да изгледа ексцентрично. Но на лето, Кобер Педи - домороден термин кој значи „бел човек во дупка“ - си го оправдува постоењето. Тука просечните температури достигнуваат до 52 степена, па се случувало мртви птици да паѓаат од небо или да има потреба електричните апарати да стојат во фрижидер.
Оваа стратегија почнуваат да ја применуваат и повеќе други градови. Во јули, градот Чонгкуинг, во југозападна Кина, ги реставрираше скривниците за авионски напади изградени во текот на Втората светска војна кога градот бил бомбардиран од Јапонците. Ова се случи откако повеќе од 10 дена температурите беа над 35 степени. Други се засолнувале во „пештерски“ ресторани, кои се популарни во градот.
Кубер Педи не е ни првата ни најголемата подземна населба во светот. Луѓето се имаат засолнувано под земја за да се изборат со климатските предизвици илјадници години. Можеби најпознат пример е Деринкју (во превод „Длабокиот бунар“), 85 метри под познатите „оџаци“ на Кападокија, формиран во 8-миот век п.н.е., кој во текот на историјата се користел, меѓу другото, како засолниште од инвазии на Римјани и Арапи, со подземни тунели кои го поврзуваат со четири други градови. Тука можеле да се сместат 20.000 луѓе на 18 ката, со свежа вода за пиење, системи за вентилација, дури и гробишта и специјални комори за животните. Вакви примери има и од Меса Верде во Колорадо, каде над 700 години под земја живеел народот Пуебло, до едно од последните вакви населени места во светот, Кандован во Иран, каде во летните месеци во просек паѓаат само 11 мм дожд.
И покрај неверојатниот технолошки развој во споредба со тие времиња, и денес градењето и живеењето под земја, особено за голем број луѓе, не е едноставно. Ова особено важи во повлажните места, каде еден од главните проблеми е црната мувла, која се создава поради тоа што луѓето готват, се тушираат и воопшто дишат во место со послаба вентилација, што прави кондензација на ѕидовите од пештерата. И ова е само еден од проблемите со кои би се соочиле наскоро (ако не ние, а тогаш следната генерација) ако сакаме да преживееме во топлите места на светот, кои ќе станат уште потопли.