Во последните години на 19 век, Истленд каунти во Тексас бил еден од поразвиените региони во САД. Поради неговата популарност, бројот на жители се зголемувал, а со тоа се наметнала и потребата од поголема судница, која требало да се отвори во 1897.
Како дел од вообичаените ритуали кои се правеле кога се градел значаен објект, во темелот биле поставени неколку предмети: Светото писмо и неколку документи, но и една сирота тексашка рогата жаба која дента ја фатил синот на еден од судиите. Откако била ставена во мермерната кутија, таа била заборавена.
Но Истленд продолжил да расте и по само 30 години новата судница била повторно премала. Во 1928 зградата била демолирана за да отвори простор за огромна арт деко градба на истото место.
Кога ѕидовите паднале и кутијата искрснала, работниците од неа извадиле нешто што изгледало како мртва жаба. Повеќето рептили од овој вид живеат само неколку години во дивина, па по три децении помината во дупка во камен жабата изгледало дека немала шанса да преживее.
Но по некое време таа се помрднала. Ѝ го дале името Олд Рип, според легендата за Рип Ван Винкл - Американец со холандско потекло од времето на колонијална Америка кој запознава мистериозни Холанѓани, се запива со нив и заспива, будејќи се 20 години подоцна, откако Американската револуција веќе поминала.
Олд Рип веднаш станува „селебрити“. Вил Вуд, човекот кој наводно го фатил уште како дете, почнал да го шета по турнеи. Го однел дури и кај тогашниот претседател, Калвин Кулиџ, во Белата куќа. Но жителите на Истленд, кои сметале дека Рип е сопственост на градот, не биле среќни што некој го шета наваму-натаму и заработува на тоа.
Излегло дека се во право, бидејќи откако се вратил Рип не се чувствувал баш добро. Го ставиле во стаклен аквариум со песок и го хранеле со црвени мравки, што е вообичаена храна за ваквите животни. Но по една година откако бил изваден од темелите тој умрел во својот дом. Весниците известиле дека причината е пневмонија.
Жабата добила посебен постхумен третман - била препарирана и поставена во сандак обложен со кадифе. Долго време Рип бил изложен во ходникот на судницата, каде туристите можеле да му оддадат почит.
Во 1970-тите некој ги украл неговите остатоци и барал откуп од 10.000 долари, но по голема истрага ковчегот е вратен. Од тогаш секоја есен градот организира Рипфест - фестивал со тема на рептили, и тој оваа година се одржува токму денес, 6 октомври. Рогатата жаба ја има сè помалку во Тексас, па овој настан се користи за да се подигне свесноста за овој проблем и потребата за конзервација на оние примероци кои се уште постојат.