Песната во видеово се вика „Алкохол и џејк“, на Томи Џонсон, легенда на тн. „делта блуз“. „Џејк“ е кодирано име за домашно произведен алкохолен бучкуриш за време на прохибицијата, практично отров, од кој човек можел целосно да се парализира.
Плочата од која се слуша музиката е очигледно прилично оштетена. А и не е чудно, имајќи предвид дека во 1920-тите и 1930-тите компаниите кои ги произведувале овие плочи правеле многу мал број примероци за малубројна публика. Со текот на времето плочите се оштетувале и кршеле, а со оглед на тоа што дискографските куќи ретко чувале мастери, немало начин како истата снимка да се репродуцира во дополнителни примероци. Оттаму блуз плочите од овој период се ретки и скапи.
Но Џон толку ѝ фрлил мерак на оваа од Томи Џонсон кога ја видел на и-беј што понудил неверојатни 37.100 долари. И си ја купил. Првичната цена која ја барал продавачот била 100 долари, а и тој веројатно не очекувал колку бргу наддавачите ќе ја зголемат.
Причината за тоа што продажбата на плочи расте од година во година (во САД веќе 13та година по ред) според овој долгогодишен продавач на ретки плочи, е тоа што луѓето се уморни од музика која „доаѓа без ништо“ - без корица, фотографија, стихови. Младите кои купуваат плочи ја сакаат комбинацијата на визуелното со слушачкото искуство. Заедно, тоа дава поголемо задоволство отколку да симнеш песна во компјутер.
Од славните личности за кои тој знае дека се големи фанови на малите плочи на 78 вртежи и кои купувале од него тој ги наведува Кит Ричардс, актерот Мет Дилон и стрип цртачот Роберт Крамб.