Да не знаевме дека е пишувана 1866. ќе мислевме дека тој ги искусил двете светски војни, го видел падот на Берлинскиот ѕид, бил допрен од долгата рака на глобалниот капитализам; ќе бевме уверени оти знаел дека неумерениот романтизам (ќе) води кон агресивен национализам, дека по модерната доаѓа постмодерната, дека ориентализмот е жив а Бог мртов, и дека од „човеку биди свој!" многу бргу се стигнува до „човеку, биди си сам на себеси доволен!". Дали Ибзен гледал на кафе, или и во негово време работите биле очигледни? Модерниот човек високо лета, но и од високо паѓа, кршејќи на својот пат сè што е светло и чисто, и претворајќи се во 'трол' - во чудовиште.
Пер Гинт ја следи структурата на класична бајка, од која всушност е и инспириран - јунакот се одвојува од дома, минува низ разни авантури, за да се врати од кадешто тргнал, со поинаква свест за светот и себеси. Но ако враќањето во бајките означува некакво 'пензионирање' на главниот лик, почеток на неговиот среќен и спокоен живот заслужен по бројните перипетии, во Пер Гинт враќањето го означува неговиот крај, не само во физичка смисла, туку и во смисла на некакво сознание - тој знае дека бил Никој, и дека оди кон Ништо. „Духот е скржав, а природата расипница. Скапо е со живот да го платиш своето раѓање", вели тој на крајот од своето патешествие, подеднакво жалејќи и за тоа што ќе умре, и за тоа што воопшто живеел.
Да си жив, тоа е шанса - ни остана некакво чувство откако неодамна ја изгледавме Пер Гинт на сцената на Албанската драма во режија на Унковски. Шанса да се биде свој. И не само себеси доволен.
* * *
Наместо некакво наградно прашање, овој пат награда доделуваме на тазе 1,000-тиот член на Фејсбук групата Букбокс на он.нет. Ако добро следевме тоа е Виктор Поповски, кој од издавачот Македонска реч добива примерок од македонскиот превод на Пер Гинт. Нека ни се јави на chitajte@gmail.com да се договориме околу доставата.