„И јас сум Ацо, и ова го доживувам како мој втор роденден", изјавува средовечен маж во еден од телевизиските прилози. Додека едни се трогнати од величественоста на глетката, и спонтано почнуваат да ја пеат македонската химна дур коњаникот го завзема своето место „за навек во срцето на Македонија", други се згрозуваат од агресивниот упад на кич митологија среде нивната дневна соба - ако градот ни е дом, тогаш плоштадот би требало да ни е дневна. Решавајќи до крајот на животот да се засолнат во подрумските простории или во тесната лоџија, под мотото „ако не го гледаш, исто ко да го нема", тие со оние првите сепак мора да се согласат околу едно: споменикот е ГОЛЕМ. Сајз даз матер, особено во екстремни случаи – кога нешто е премногу мало, или кога е неподносливо големо. И едното и другото не е на арно...
Сите фројдовски конотации се намерни. Затоа што никој во сите препукувања за или против овој, или кој и да е новопоставен споменик, не се сети да постави едно значајно прашање – толку ли нема жени од нашава грутка кои би заслужиле да бидат испочитувани со еден монумент? Преку кои скулптури се претставени нашите „преткињи" и сограѓанки, освен оној на Мајка Тереза, чија светост и онака е пред нејзината половост? Шмизлата? Оние две фуфи со пудла? Гулабицата под гулабите пред Дом на градежници?
Не ќе да е само до тоа што додека македонските херои гинеле за татковината, нивните жени, сестри и мајки немале време за јуначки подвизи, бидејќи биле зафатени со поприземни работи. Женскиот принцип, со историски познати но статистички ирелевантни исклучоци (Лукреција Борџија или Ума Турман во Кил Бил), се поврзува со квалитети кои се токму спротивното од воинственоста и агресивноста. Во голем број митологии, па и во нашата, машкиот принцип е активен, женскиот пасивен. А пасивноста, ќе се согласите, баш и не е својството кое во моментов ни треба..
Дејвид Фридман, некогашен новинар на Вог и Ролинг Стоун, во „Глава за себе" ја анализира историјата на тој - мал и голем, млитав и здрвен, обожуван и проколнуван -стап, Стојко, петел, сврдел, кој ставен во историска и културолошка рамка станува значаен „симболичен мускул".Современите табуа кон пенисот, збор кој патем целосно отсуствува во речникот на македонскиот јазик, биле сосема непознати во антиката и за древните цивилизации. Истакнувајќи го на јавни места, принесувајќи му жртви, обожувајќи го, тие ја поттикнувале плодноста и бериќетноста на нивните семејства и поседи.
Древните Сумери го сметале за мерка на блискост со божественото, додека Римјаните, чии генерали биле познати по тоа што ги унапредувале војниците врз основа на големината на нивниот орган, во него гледале знак за земска моќ. Благодарение на ширењето на христијанството, она што некогаш било свето, одеднаш станало манифестација на Ѓаволот. Дури ренесансната анатомија го „помилувала", па тој од агент на злото станал невин инструмент на репродукција. Ни следните векови не го оставиле раат, па тој станал предмет на психоанализа, политизација, расна стереотипизација, феминистичка критика и Вијагризација. Ама додека ние се пениме анализирајќи го, него к*р го боли. Поголемо од кифла и помало од Југо, дреме меѓу нечии нозе. Си знае дека културите кои би си го дозволиле луксузот да не го есапат би се осудиле на самоистребување – ако репродуктивните органи на нивните машки членови одеднаш масовно почнат да потфрлаат, единственото на што тие можат да се надеваат е партеногенеза. Ама човек не е рептил, а и тие порничите со асексуална репродукција се многу досадни.
Кориците на почетокот од текстов се од хрватското издание - ни се видоа интересни заради разликата помеѓу дизајнот на „машкиот" и „женскиот" примерок. Хрватите го превеле насловот (A Mind of Its Own) како „Глава за себе", иако можеби поточно би било „Ум". Ама, па стварно, кој видел пенис да мисли?
Следи извадок од книгата на Фридман, поглавјето за почитувањето на пенисот во древна Грција. За нив, наводно, големината не била важна. Ако навистина сме им го украле културното наследство, ова сигурно сме го прескокнале...
* * *
„Глава за себе: културна историја на пенисот"
Дејвид М. Фридман
(извадок)
Хермите, скулптурите со глава и еректиран пенис без тело, јасно го отсликувале грчкото сфаќање на идејата за пенисот. Грчката филозофија ја разликувала формата од материјата. Формата, која Платон ја нарекува „идеја", е активна, плодна и машка, токму како и пенисот. Материјата е пасивна, непродуктивна и женска. Како што металниот печат остава трага во восокот, така идејата се одразува во материјата и ѝ дава значење. Таквиот концепт кај Грците најпрвин се одразил на поимањето на зачнувањето. Аристотел мажот го споредува со столар, а жената со дрво. Столарот од дрвото создава дете. Во Еуменидите, Есхил таквото тврдење му го припишува на богот Аполон:
Мајката не е вистинскиот извор на животот на детето.
Ја викаме мајка, иако е негувателка
Таа е браздата која го прима семето.
Додека во сејачот детето го има својот родител
Жената само одгледува билка во цвет.
Еректираниот пенис ја симболизирал и атинската моќ. По грчкиот триумф на Персијците во Еион во 476 година п.н.е., војсководците како награда побарале споменик. Добиле три мермерни херми на Агора, пазар и средиште на атинскиот градски живот. Грчката цивилизација и победа е прославена со три камени ерекции. Но настаните од едно летно утро во 415 година п.н.е. заради таа симболика биле посебно трауматични. Имено, само неколку часа пред заминувањето на атинската војска во освојувачки поход на Сицилија, некој на стотината градски херми им ги уништил еректираните пениси. Без оглед на тоа дали се работело за вандализам на пијаници, или како што сугерира историчарката Ева Кеулс во делото Владеењето на фалусот, за антивоен протест на Атињанките, значењето кое тој настан го имал за атинските мажи било огромно. Градот се разбудил со осквернавена машкост, ужаснат од лошото претскажување. Неуспехот на продорот на Сицилија и поврзаното забрзување на атинскиот пораз од Спарта само ги потврдиле ваквите уверувања.
Каликсен од Родос со својот опис на дионизиската свеченост во Александрија од 275-тата пред нашата ера, детално ја прикажал врската помеѓу пенисот и моќта во грчкиот светоглед. Според неговите написи, за таа свеченост на александријските улици, пре половина милион нејзини жители, доминирала парада на „педесетметарскиот златен фалус" со златна ѕвезда на врвот и во негова чест испеани песни. Пред златната ерекција, во исправена позиција поголема од каква и да е современа дваесеткатница, чекореле десет редови ноеви јавани од момчиња преоблечени во сатири, дваесетина возрасни Етиопјани со кренати слоновски сурли, десетици пауни, шеснаесет гепарди, четиринаесет леопарди, една бела мечка, носорог и жирафа. Зад пенисите е носена златната статуа на Зевс зад која пак чекореле повеќе од педесет илјади пешадиски војници.
Очигледно е дека Грците кон својот пенис се однесувале со aidos, со стравопочитување какво што заслужува сè што е свето и моќно. Грчите небеса биле богато населени со божества родени од или поседувајќи волшебни тестиси. Така, Афродита изникнала од запенето семе, создадено откако титанот Кронос го кастрирал сопствениот татко и тестисите му ги рлил во море. Романсата помеѓу божицата на љубовта Афродита и богот на виното Диноси го изродила Пријап, пониско божество на плодноста со голема (и постојана) ерекција. На Дионис пак Атињаните секоја година му посветувале седум свечености, а секоја од нив ја обележувала поворка во која phalophoroi-те, носачите на пенис, на гордо кренатите раце носеле phalloi (реплики на пенис). Додуше ниту една не била толку импозантна како погоре опишаната Александриска, но народот сеедно им наздравувал со вино и им пеел мрсни песни.
Од атинските колонии и сојузници се барало испраќање на сопствени фалуси во Дионизија, најголемото атинско светилиште на богот на виното. Податоците говорат дека островот Делос во неколку наврати принел величествена дрвена птица која наместо глава имала еректиран пенис. Пообичните дрвени фалуси во процесијата имале сред дрвеното главче изрезбарено око и под нив набори како кај повлечен препуциум, правејќи така пенисот да има глава, врат и „карактер". Пораката на овие антропоморфизирани прикази на пенисот им била јасна на сите Грци, и таа на театрален начин го поставувала вечното прашање: дали мажот го поседува својот пенис или пенисот го поседува него?
Иако самиот Дионис никогаш не бил прикажуван со ерекција, неговата поврзаност со кренатиот пенис е востановена во два мита. Во првиот Атињаните многу негостољубиво ја дочекале статуата на Дионис која неговиот пратеник Пегаз ја донел таму од Елефтерија. Според зборовите на Гулие Сис и Марсел Детине во книгата Секојдневниот живот на грчките божества, Дионис Атињаните заради тоа ги казнил со навидум неизлечивата „болест на машкиот орган".
Во друг мит, Диноис му го открива виното на атинскиот селанец Икар. Нему овој напиток многу му се допаднал, па ги повикал на гозба ги викнал овчарите од соседството. Кратко време потоа тие се опиле до бесвест, па така ги затекнале останатите овчари. Заклучувајќи дека Икар ги труел неговите пријатели, овчарите кои пристигнале подоцна го убиваат и со тоа го разгневуваат Дионис. Со одмазда на ум, тој им се укажува во лик на преубаво момче и ги исполнува со неопишлива полова страст. Но на врвот на нивното возбудување момчето исчезнува, а овчарите остануваат незадоволени, со ерекција која не спласнува. За помош се обратиле на делфијската пророчка, која им рекла дека ќе ги излечи единствено ако принесат фалусни симболи на Дионис и јавно ги носат во нивна чест.
Од овие приказни е јасно дека Грците преку пенисот ја мереле нивната блискост или оддалеченост од божествената моќ, од мудроста но и од божествената инспирирана лудост. Грците, пишува Алберт Херикс, „ерекцијата ја сметале за знак на физиолошка и ментална состојба...која Платон ја нарекувал 'божествено лудило'".„Човечкиот р'бет е седиште на божественото во човекот", пишува овој грчки филозоф во неговото дело Тимај, тврдејќи дека се работи за истата материја од која е создаден човечкиот мозок и семето. Тоа божествено во луѓето е преполно со „витален нагон за активност", па оттаму, според Платон, пенисот е толку „непослушен и своеглав".
Но иако Грците со пенисот ја мереле сопствената божествена природа, неговата величина не била дел од таа равенка, барем не онака како што би помислиле на прв поглед. Наспроти величествените парадни фалуси, на Грците во вистинскиот живот многу повеќе им се допаѓал малиот и тенок пенис на адолесцентите од вежбалиштето, па како таков го наоѓаме на возвишени естетски прикази на камени куроси и насликани вазни од тогашниот Медитеран. Презирот кон странците и робовите уметниците го изразувале насликувајќи им огромни органи меѓу нозете, додека Аристотел на својата естетска преференца ѝ дал „научен" темел, тврдејќи дека помалите пениси се подобри за оплодување затоа што во големиот пенис семето се лади и станува неплодно." Аристофан, пак, се позанимавал со пенисот во шеговитата расправа за педагогијата во Облаци:
„Ако ме послушаш", вели еден дискутант, „секогаш ќе имаш јаки гради, сјајна кожа, широки раменици, мал јазик, цврст задник и мало куре. Ако се водиш според модерното однесување...ќе станеш блед, рамениците ќе ти опаднат, градите ќе ти се смалат, јазикот ќе ти се продолжи, препоните ќе ти омлитават и ќе добиеш огромен судски повик!"
Превод: И.Ј.